Запнал да објаснува чија била фудбалската репрезентација на Македонија. Па се извинува дека, види богати, згрешил (тој да згреши? „немогуќе!“) што ја нарекол македонска. А таа да ти била, според неговото толкување, на некаква си „Северна“. Така потпишал самиот. А штом тој нешто потпише, макар и неовластено, тоа било „гарантирање на иднината“?! Бог да чува и Столе Димитриевски да брани!

Е па вака, друже „визионер“. Нема потреба од пенавење и од големи мисли од малиот мозок. Доволно е да се обратиш до навивачите на македонскиот национален тим. И да им поставиш од просто – попросто прашање: чија е репрезентацијата за која навиваат. Еден од нив ако ти каже дека е на „Северна“, од утре да го земеш со тебе, да го качиш на квадот со кој ги шпартавте со Филипчета ридојте околу Струмица за сите да го видат одблиску тоа чудо невидено.

А бе на криво магаре да ги качите оние неколку илјади Македонци што се з’гнаа со возила над 600 километри до Букурешт за да ги одерат грлата и плускавци да добијат од ракоплескање на Националната арена – нема ни „С“ од „Северна“ да викнат. Ама затоа за Македонија душата ќе си ја дадат и нема таа сила што ќе ги замолчи или спречи да истакнат нејзини знамиња и транспаренти со вистинското име на државата или да носат дресови со ФФМ на градите.

Во тоа можеше да се увери со свои очи и уши и „прајминистеро“ и во Букурешт, и во Амстердам. Ама откога му спискаа од југот за ФФМ, со чиј дрес се топореше во главниот град на Романија, на арената „Јохан Кројф“ само му се церекаше на колегата Руте. Тој со шал на Холандија околу вратот, а „северниов“ без никакво обележје на државата чија репрезентација божем дошол да ја бодри?!

Бадијала му е и нему, и на друштвото со неограничена неодговорност околу него. Ни Туѓман не успеа на навивачите на Динамо Загреб да им го наметне името ХАШК Граѓански, па нема ни овдешниве промотори на натурени имиња и симболи. Навивачи се тоа. Знаат тие совршено добро за кого навиваат. Ним не можеш да им продаваш мушмули како муртински лубеници да се.

„Северна“ има репрезентација само во кошарка. Благодарејќи на тетовирачот на македонското знаме до срцето, само таа на дресовите го носи името на државата што не доби амин на референдумот пред три години. И помина како што помина во квалификациите за Ѐвропското првенство. И речиси никој не се потресе за тоа. Прашањето за милион денари е – зошто?