Пожарникарски камион од Дортмунд на пат од 2.200 км до Ресен

Противпожарната служба на германскиот град Дортмунд вчера испрати еден од своите камиони за гасење пожар на пат долг 2.200 километри до Ресен, каде што ќе биде дониран на колегите од градот на југот од Македонија.

Камионот ЛФ 16-12, произведен во 1983 година и одамна отпишан и „пензиониран“, е придружуван од четворица пожарникари од техничкиот оддел и од друго возило. Но, за пожарникарите од Ресен тој сè уште би бил од корист, со оглед на тоа што имаат на располагање три уште постари камиони, кои често се расипуваат и се надвор од употреба, а и одвај се наоѓаат резервни делови за нив.

Македонската православна црковна општина од Дортмунд-Хусен се обрати до Советот на градот Дортмунд, кој на 1 јуни 2017 година даде зелено светло за донацијата.

Ресенската противпожарна бригада ги покрива и националните паркови Пелистер, Галичица и Езерани.