Повикот на знамето на Разловечкото востание од 20.5.1876 „Станете да ве освобода!“ – трајно потсетување за македонскиот народ за борбата за слобода

На денешен ден, на 20 мај во 1876 година избувна Разловечкото востание како организирано востание на македонскиот народ во Источна Македонија, со центар во селото Разловци, против Турската Империја. Разловечкото востание, и покрај неговото брзо пропаѓање, е од особено значење за историјата на македонскиот народ. Востанието самостојно го организирала, материјално го издржувала и го извела македонската световна и духовна интелигенција, со масовно учество на селанството.

Во својата научна статија со наслов „Разловечкото востание 1876“ универзитетскиот професор по историја д-р Далибор Јовановски истакнува: „И покрај неуспехот, и покрај малиот обем во однос на подоцнежното Кресненско востание, Разловечкото востание го отвори патот кон развојот на оружената борба, која подоцна доведе и до создавање на македонска држава, а на тој начин и можност за засилување и зацврстување на македонската национална посебност во однос на другите. Настаните од мај 1876 година во источните делови на Македонија биле организирано востание, без разлика на големината на територијата и бројот на луѓето кои зеле оружје во рака.

„Според историчарот Михајло Миноски не се работело за некакво стихијно востание, а уште помалку за бунт, туку било организирано македонско востание. Тоа беше планирано и подготвено од неговиот идеен творец и неприкосновен водач Димитар Поп Георгиев – Беровски како општонародно востание, кое требаше да ја зафати целата територија на Македонија. Според Миноски, востанието било организирано и раководено автономно, без никакво влијание од надворешен фактор.“

„Академикот и историчар Манол Пандевски смета: ‘Д. Беровски имал поширока концепција и подалечна политичка визија… Акциите од мај 1875 година не можат да се сведат на изнудена локална буна, уште помалку на тесен илегален заговор… Разловечкото востание се јавува како изразита автохтона и самоиницијативна пројава…“

Причините за избувнување на Разловечкото востание

Вo втората половина на XIX век Османлиската империја западнала во тешка општествено-економска криза. Таквата состојба непосредно влијаела за влошување на положбата на сите народи на Балканот што останале во нејзин состав. Даноците биле зголемени и биле воведени нови, се засилиле злоупотребите на државните органи, се појавиле разбојнички банди, кои вршеле грабежи и убиства. За кревање на ова востание големо влијание имале и надворешните фактори. Во 70-тите години на XIX век револуционерното движење на поробените народи за национално ослободување најнапред се разгорело во Босна и Херцеговина во јуни 1875, па во Бугарија во април 1876.

Македонскиот народ бил изложен на голема експлоатација; морал да работи ангарија за правење патишта и да плаќа нови и тешки даноци. Селаните најмногу страдале од своеволијата на собирачите на даноците и полските чувари (полјаците), како и од разбојничките банди. Сето тоа го натерало македонскиот народ во Источна Македонија да се крене на оружено востание против турската феудална власт за национално ослободување. Главен иницијатор и организатор на востанието бил Димитар Поп Георгиев Беровски (1840-1907 година) и неговиот дедо поп Стојан од Разловци.

Беровски за таа цел во 1875 година заминал во Солун, каде што формирал таен кружок и од каде ги започнал подготовките за востанието. Најголем проблем за успешно изведување на востанието претставувал недостатокот на парични средства со кои требало да се набави оружје, муниција, топла зимска облека и санитетски материјал.

Во својата спомената научна статија професорот  Далибор Јовановски го изнесува и ова: Димитар Беровски им порачал на двете учителки од Солун, баба Недела и Станислава Караиванова да изработат знаме за идното востание. Знамето било изработено на жолта подлога со разјарен црвен лав и на него било извезен натпис: ‘На 8 мај 1876’. На знамето имало и две ленти со зборовите: Македонијаи Станете да ве освобода!“. Недела Петкова во своите спомени запишала: Ние шиевме едно македонско знаме – црвен лав на тенко свилено платно. Но тоа беше шиено навечер и никој, освен поп Петар не знаеше за тоа. 

„Кога е во прашање знамето на востанието, може да ја забележиме неговата важност не само како симбол на востанието. На него за првпат се става името Македонија, без разлика дали тоа се однесувало на народот, или само на областа. На тој начин тоа добива поголемо значење за идното зацврстување на македонската посебност во однос на другите.“

„На 20-ти мај 1876 година Разловци било нападнато од востаниците. Некои Турци биле убиени, а други ранети. Откако се пресметале со тамошните Турци, еден дел од четата предводена од Беровски заминала кон Малешевијата, за да се соединат со од порано подготвени 300 Малешевци. Другата група под водство на Цоне Спасов требало да ги евакуира жителите на Разловци и нивната стока, а потоа да се приклучи кон главните востанички сили. На пат кон Берово, кај селото Митрашинци, Димитар Беровски и неговата чета имале судир со една помала турска воена единица. Таа била растерана, но Беровски бил ранет во главата.“

„Оваа неповолна состојба влијаела негативно и востаниците наместо да одат кон Малешевијата, се вратиле назад, во Разловци. Од Разловци четата на делумно закрепнатиот Димитар Беровски продолжила кон Кочанско. Откако ги победила Турците во Лаки, четата тргнала кон селото Смилјанци, Радовишко каде од порано имало складирано оружје. Меѓутоа во Смилјанци дошло до предавство од месниот полјак во Радовиш, такашто и тука турскиот аскер брзо реагирал и востаниците доживеале неуспех. Селаните, кои не успеале да побегнат, биле ѕверски убивани, оставани за пример на населението. Некои од селаните од реонот биле мачени како затвореници во Серес, Солун, Скопје и др.“

„Разловечката чета на чело со Димитар Поп-Георгиев Беровски успеала делумно да се задржи и да ја продолжи борбата во Малешевските планини, Пијанец, Осоговските Планини и во Кресна.Причините за неуспехот на востанието главно лежат во неговото предвремено избувнување и незавршените подготовки. Ранувањето на водачот на востанието влијаело негативно на текот на востанието. Востаниците не успеале да се координираат и поврзат со организираните востанички формации во Источна Македонија.Турските власти реагирале многу бргу и го задушиле востанието уште на почетокот.“

Во својата научна статија со наслов „Разловечкото востание во 1876 година“, објавена во 1950 година, академикот и историчарот Љубен Лапе истакнува: „Пролетта 1877 година Разловечката чета повторно ce формира под раководството на Димитар Беровски и ce префрли да дејствува во полите на Осоговската планина и Пијанец, во тилот на турските војски. Идната година 1878 во октомври го гледаме Димитар Беровски како началник на штабот на македонските востаници во новоподигнатато така наречено Кресненско востание во Пиринска Македонија кое и по сила и по размери го натфрли Разловечкото востание од 1876 година.“

„Разловечкото востание претставува само една алка во синџирот на народните движења, преку која ce поврза македонскиот народ со другите народи на Балканот во борбата за нивното ослободување од турското ропство. Преку него македонскиот народ ги направи и своите први чекори за помасовно оружено расплатување со својот вековен потисник и експлоататор. Оттука во историјата на македонскиот народ тоа може и треба да ce смета како почеток, макар колку слаб бил тој, на нашите револуционерни националноослободителни борби. Како позитивно наследство од нашето револуционерно минато Разловечкото востание треба да биде поопширно проучувано.“

Подготвил: Свето Тоевски