Институт за јавно здравје утрово соопшти дека кај еден пациент е детектиран новиот подсој на омикрон познат како „кракен”.
„Кај еден примерок, од вкупно 32, е детектирана XBB.1.5 омикрон сублинијата позната како „кракен“.
Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, a примерокот е земен на 11.01.2023 година, соопшти ИЗЈ.
Претходно, новата мутација на корона вирусот односно под сој на „омикрон“ вирусот иименуван „кракен“ наводно бил детектиран во Словенија и Романија.
Во Грција се потврдени шест случаи на новиот сој на коронавирусот ХББ.1.5, познат под името „Кракен“.
Според Националната организација за јавно здравје на Грција, сите случаи, што воедно се и првите потврдени во земјата, се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски во врска со сојот „кракен“, во четвртокот изјави дека сите податоци што досега ги имаат укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем.
Тој тврди дека нема простор за загриженост помеѓу граѓаните.
Според д-р Петличковски, епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум – осум недели.
