Пишува: м-р Свето Тоевски

Вицепремиерот за евроинтеграција Бојан Маричиќ се сретнал со Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Велика Британија за Западниот Балкан, на која разговарале за „можноста * Македонија бргу да напредува во преговорите со ЕУ“. „Во овој момент од уставните измени ќе зависат европската иднина и позиционирањето на државата во односите со ЕУ, но и мирот и безбедноста на целиот регион.“ – ова биле дел од пораките на таа средба, на која присуствувал и британскиот амбасадор Метју Лосон. Пич и Лосон ја потврдиле „безусловната поддршка, која * Македонија ја има од Обединетото Кралство на европскиот пат“.


На ниедна држава, или на група на држави не им е допуштено да интервенираат, ниту да се мешаат во внатрешните работи на Mакедонија, а камоли во врска со Уставот

Упатувам прашања до Стјуарт Пич и до Метју Лосон:

1.Дали сте запознати дека постои Декларација на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите од 9 декември 1981 година, број A/RES/36/103, со која „Генералното собрание потврдува дека во согласност со Повелбата на Обединетите нации ниту една држава нема право да интервенира директно, или индиректно од која било причина во внатрешните или надворешните работи на која било друга држава? Македонија е членка на ООН и за неа мора да важи применливоста на оваа Декларација.

2.Зошто што вие ја газите оваа Декларација и се мешате во внатрешните работи на Македонија, всушност наредувајќи и да го менува својот Устав?

Има и Македонија право самата суверено, неотуѓиво и слободно да го одредува својот политички, општествен, но и уставен систем, согласно со волјата на македонскиот народ

Поради тоа што наближува климаксот, врвот на притисоците врз Македонија и македонскиот народ да се промени Уставот на македонската држава, кои ги вршат не само Велика Британија, Европската Унија, Бугарија и цела дузина европски држави, ќе наведам дел од најзначајните ставови од споменатата Декларација на Генералното собрание на ООН. „Генералното собрание го потврдува основниот принцип на Повелбата на Обединетите нации дека сите држави имаат должност да не се закануваат и да не користат сила против суверенитетот, политичката независност, или територијалниот интегритет на другите држави.

„Принципот на немешање и немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа следните права и должности: суверенитет, политичка независност, територијален интегритет… како и националниот идентитет; суверено и неотуѓиво право на државата слободно да го одредува својот политички, економски, културен и социјален систем… без надворешна интервенција, мешање, субверзија, принуда или закана во каква било форма…“

Продолжувам со прашањата до Стјуарт Пич и Метју Лосон:

3. Зошто, „давајќи поддршка на уставните промени“, вие, како претставници на друга држава, го негирате правото на Македонија суверено, неотуѓиво и слободно да го одредува својот политички  и општествен систем, согласно со волјата на својот народ, без надворешна интервенција, мешање, принуда, или закана во каква било форма, што е загарантирано со споменатата Декларација на ООН?

4. Дали сте запознати со фактот што во овој момент 80 проценти од македонскиот народ ја искажува својата политичка волја ниту сега ниту никогаш да не се вршат промени на Уставот на неговата држава, заради внесување на Бугарите и тоа дури како “бугарски државотворен народ во Македонија?

5. Зошто вие, како претставници на друга држава на средбата со вицепремиерот Маричиќ заедно со него сте упатиле дури и безбедносни закани, велејќи дека „во овој момент од уставните измени ќе зависи и мирот и безбедноста на целиот регион“? Согласно со споменатата Декларација и вашата држава е должна „да не се заканува и да не користи сила против суверенитетот, политичката независност или територијалниот интегритет на другите држави“. Вашата порака дека „од уставните измени ќе зависат и мирот на целиот регион“ не можат да бидат разбрани никако поинаку, туку само како искажување закана, ако не се промени македонскиот Устав.

6. Но, што ќе се случи со мирот и безбедноста на целиот регион, ако не се промени Уставот на Македонија?

7. Кој ве овластил да барате промена на нејзиниот Устав, упатувајќи и безбедносни закани?

Во Уставот на Велика Британија нема “државотворни народи“, а зошто и во Уставот на Македонија да има други „државотворни народи“, освен само македонскиот државотворен народ?

На третата страница, во преамбулата на Уставот на Велика Британија пишува: „Со мандат на народот го востановуваме овој Устав… за да се ​​заштитат и негуваат идентитетите на заедницата во рамките на четирите големи земји на унијата: Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска.“ Без никакво сомневање, во Унијата на Обединетото Кралство постојат Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска. Во овој контекст уште неколку прашања за Стјуарт Пич и Метју Лосон:

8. Дали сте виделе дека и во Македонија исто толку очигледно како во Велика Британија постои „бугарска заедница“ со свој „бугарски идентитет“, па да мора со ставање во преамбулата на Уставот „да се заштитува и да се негува“ тоа, кога во Македонија има група од само 3500 Бугари, согласно со најновиот ионака фалсификуван попис? Зошто не инсистирате и на внесувањето на Македонците во Уставот на Бугарија, туку само на „државотворните Бугари“ во Уставот на Македонија, иако никаде нема таков народ во неа?

9. Зошто во преамбулата на британскиот Устав не се ставени како “државотворни народи“ и Шкотите, Велшаните и Северните Ирци и зошто не му дозволувате на шкотскиот народ да одржи референдум за независност? Дали можеби се плашите од распадот на Обединетото Кралство? Немаат ли право и Македонците да ја штитат и својата држава Македонија од распад, што би се случило неминовно со внесувањето на “државотворните Бугари“ во Уставот?

Во Уставот на Обединетото Кралство е набележан и овој принцип: „Свесни за одговорноста што ја носиме кон идните генерации – и за нивната улога во одбраната и регенерирањето на овој Устав – поставуваме максими создадени да промовираат … општествена и политичка слобода.“ Имајќи го предвид ова, следи и ова прашање до Стјуарт Пич и Метју Лосон:

10. Дали и Македонците имаат одговорност кон своите идни генерации и своја улога да го бранат Уставот на Македонија?

„Почетокот на преговорите со ЕУ“ не е прогласен, нема ни да го има, но е прогласен и веќе го има „макегзитот“

Последното прашање до Стјуарт Пич и Метју Лосон е:

11. Зошто Велика Британија и дава „безусловна поддршка на * Македонија на европскиот пат“, кога самата таа престана да чекори на тој европски пат, напуштајќи ја Европската Унија со референдумот -“брегзитот“ од 23 јуни 2016 година?

Почитувани, одговорете си самите на себе на сите претходно поставени прашања и тогаш ќе разберете дека македонскиот народ не дал, ниту ќе даде кому било мандат да го менува Уставот на Македонија, за да се внесуваат туѓи „државотворни народи“, кои немаат никаква врска со македонскиот народ и со Македонија. Како што Уставот на Велика Британија е „востановен со мандатот на народот“, така и Уставот на Македонија е востановен со мандат на македонскиот народ. Согласно со мандатот на македонскиот народ Уставот нема да се биде сменет, заради потребите на „државотворните Бугари“ да ги разнебитат Македонија и идентитетот на македонскиот народ и потоа да преземат нов дел на македонската територија, според нивната „санстефанска“ великобугарска платформа. И покрај вашата „безусловна поддршка“, и покрај сите притисоци, наредби, закани и ултиматуми и на ЕУ и на другите меѓународни и внатрешни антимакедонски чинители.

Британците сфатија дека Европската Унија е веќе „мртовец што чекори“ и затоа ја напуштија, за да можат да продолжат да живеат без условувањата од официјален Брисел, кој ги задушува нивната политичка слобода и суверенитет како држава. Ништо помалку и ништо повеќе не сакаат ниту Македонците.

Македонците прогласија „макегзит“ и уште пред да им се отворат вратите на „ЕУ-рајот“.

Велика Британија, Бугарија и секоја друга држава, а посебно Европската Унија, мора да се придржуваат до споменатата Декларација на ООН за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи и на Македонија и околу нејзиниот Устав. Оваа Влада на Македонија исто така, се додека не биде симната од кормилото на државата, било на избори, било поинаку.