Потрошени над 40 милиони евра на административци што седат дома!

Повеќе од 40 милиони евра од државниот буџет во последните девет години се одлеале за плати на вработени од малцинствата според Рамковен договор, а кои седат дома бидејќи никогаш не им била дадена работа.

Проценетата сума во анализата на Балканска истражувачка мрежа (БИРН), објавена на порталот „Балкан инсајт“, е изведена врз основа на податоците од Секретаријатот за имплементација на Охридски договор, кој е надлежен за ваквите вработувања.

Според податоците, во периодот од 2009 година до крајот на 2017 година се потрошени 67 милиони евра на рамковно вработените.

Со оглед дека бројот на вработени во Секретаријатот низ годините се движел меѓу 1.300 и 2.100, а владини официјални лица соопштија дека меѓу 1.100 и 1.600 од нив сè уште не се распоредени на конкретно работно место, излегува дека околу две третини од вкупната сума од над 40 милиони евра отишле за ваквите вработени лица, се заклучува во анализата.