По неколкуте јавни сведоштва во низа, во нашата редакција пристигна уште едно писмо од сопруга на починат пациент, кој во македонските болници се борел со Ковид 19. Од лични причини, сопругата побара да остане анонимна за пошироката јавност, иако нејзиниот идентитет и е познат на редакцијата.

Писмото го објавуваме во целост, без никаква интервенција.

30.11.20 год. започнува нашата семејна, ковид голгота. Маж ми добива температура, висока температура која достигнува и до 40 степени. Цела ноќ се боревме со истата и со испиени 2 таблети Paracetamol најниско измерената температура беше само 38.5, веднаш ни беше јасно што се случува. Наредниот ден на 01.12.20 со температура 41 веднаш се упативме на Инфективно одд.Штип. Таму, сцена од хорор филм, најмалку 30 луѓе чекаат за преглед, некои со полесна клиничка слика, други веќе се борат за здив. Маж ми и покрај веќе земаниот Paracetamol, се тресе цел, температурата никако не се намалува, а и преплашен е од тоа што е пред неговите очи. Се бутам меѓу толпата луѓе, влегувам внатре и го молам дежурниот Доктор да го прегледа, да ни направи pcr тест, лабораторија, ктм на бели дробови. Не, Ковид тест не можат да му направат веќе завршиле со тестирање за тој ден, лабораторија може ама без д-димери бидејќи немаат реагенси… Направивме ктм на бели дробови, се молев од врата на врата за д-димери, на крај му беше земена крв и за тоа (значи, сепак имаат реагенс). Се враќаме на инфективно, тој веќе е со 42 температура, ама од таму дежурниот Доктор не праќа дома, да ги чекаме резултатите. Ајде, повторно молење, да му дадат терапија за да ја намали температурата, сепак со приватно возилно треба да се враќаме назад. По наредба на Докторот, сестрата демонстративно не внесува во дневна амбуланта и му аплицира интравенска терапија, за половина час температурата се намалува и си тргнуваме дома. На половина пат, го добиваме резултатот од ктм на бели дробови, не е добар, веќе има воспалителен процес и мора да се хоспитализира. 1 саат вртам по сите можни достапни телефеони, бараме болнички кревет, нема никаде…

Институтот за туберкулоза има 1 слободно место, ама не сакаат да не примат бидејќи немаме позитивен тест на Ковид. Прво не сакаат да му направат тест, а сега не сакааат да го хоспитализираат бидејќи го нема истиот. Во тој момент се јавува Докторката од инфективно одд.Штип, им се ослободило едно место, ќе го примаат таму.

Се враќаме назад, сатурацијата му е 92%, повторно е со температура 41, ама Докторката не е исплашена, тој е млад, здрав, без никакви заболувања, ќе биде добар.

На 02.12 веќе е со сатурација 82%, оставен е без кислород бидејќи боците немале регулатор. Преплашени од сите случувања спас бараме во приватните клиники, бидејќи нели тие се врвот од нашето здравство?

Во клиниката Жан Митрев имаат 1 слободно место, и ќе го примаат ако биде однесен за 1 саат и депозит од 6000 евра, парите подобро да бидат во готово бидејќи се додека не стигнат на трансакциска сметка тој ќе мора да чека надвор во болничкото возило.

Примен е на оддел за лесни случаи каде што се до 05.12 прима единствено физиолошки раствори, парацетамол и витамини, докторите кои го водат како пациент очекуваат испис за 7-10 дена. На 05.12 веќе се влошува и има потреба од хемофилтрација, ние дополнително треба да набавиме ампули Remdesivir. За еден час ампулите се набавени, и уплатени дополнителни финансиски средства за претстојните 3 хемофилтрации.

За само 4 дена подоцна, јас и моите деца останавме без оној кој најмногу ни е потребен. Без грам емпатија, Докторот од приватната клиника се јави и ми кажа: -„Состојбата драстично се влоши, во моментов реанимираме“.

И толку, без никакво објаснување, таков бил текот на болеста…

За скоро две години пандемија, колку што досега трае чудово, професорите од Медицински факултет Скопје се уште не излегоа со официјална препорака за протокол за лекување КОВИД пациенти. Не зборувам за преведен прокотол од соседството, заборувам за протокол прилагоден на нашите стандарди, кој Медицинскиот факултет како институција која има произведено најголем процент од медицинскиот кадар во Република Македонија, има морална обврска да го подготви и предложи. Бидејќи, колку што се сеќавам, во тие професори се „колневме„.

Досега ништо!

Еден ден, сите вас, ќе ве стигнат солзите на моите деца!