Николас Морли од Англија, на македонската јавност познат по сообраќајката во 2007 година што ја предизвика со својот автомобил близу Струга, а во која загина постара брачна двојка од Македонија, од средата се бара со потерница од Судот во Аспен за намерно оштетување уметничка слика вредна речиси 3 милиони долари во САД.
Судијата издаде налог за апсење на 40-годишниот Морли, осомничен дека го исекол делото „Без наслов 2004“ од њујоршкиот сликар Кристофер Вул, изложено во галерија во Аспен и сопственост на неговиот татко Харолд Морли, кој живее во Барбадос.
Бизарниот инцидент се случил во мај минатата година, кога Николас долетал од Лондон во Денвер еден ден пред настанот, а се вратил два дена потоа во главниот град на Велика Британија. Делото го сторил на 2 мај во попладневните часови, кога облечен во црно и со темни очила од вратата веднаш се упатил кон сликата, ја исекол два пати, истрчал надвор и се изгубил во метежот. Сега е на непозната локација за органите на прогонот.
Сопственикот на галеријата Грегори Лахми вели дека на настанот му претходеле три чудни телефонски повици, во кои непознато лице прашувало дали сè уште е изложена сликата со цена од 2,95 милиони долари, единствена што во тој момент била на продажба покрај делата на Пабло Пикасо, Салвадор Дали и Марк Шагал.
Во 2007 година Николас Морли со своето „порше 911“ учествуваше во релито „Гамбол 3.000“, трка со автомобили со котизација од 50.000 долари и во која се вози од Лондон до Истанбул и назад. Опишан тогаш од медиумите како сопственик на имот, милионер и плејбој, Морли во Македонија се судри со друг автомобил во кој загина брачната двојка Чепуњоски од Струга за време на трката, при што загинаа и двете лица.
Морли на магистралниот пат Струга-Ќафасан во моментот на несреќата возел со брзина од 161,6 км/ч, односно 101 км/ч повеќе од дозволеното, иако неговото семејство подоцна објави соопштение во кое го оспоруваше тоа и тврдеше дека тој се движел со 75 км/ч. Морли помина 40 дена во притвор пред да биде осуден за смртта на двете лица на двегодишна условна казна затвор што нема да се изврши ако во наредните три години не стори кривично дело, по што му беше дозволено да се врати во Лондон.
Тој подоцна изјави за весник од Манчестер дека не можел да ја избегне несреќата и рече дека не е милионер, ниту плејбој.