Американскиот претседател Џо Бајден и лидерот на републиканското конгресно мнозинство Кевин Мекарти постигнаа начелен договор по напорните преговори за зголемување на лимитот на јавниот долг на САД од 31,4 билиони долари, со што се спречи банкрот, пренесе Еуроактив.
„Денеска постигнавме начелен договор достоен за американскиот народ“, рече Мекарти по телефонскиот разговор со Бајден.
„Договорот е важен чекор напред, но е и компромис. А тоа значи дека нема секој да го добие она што го сака. Тоа е одговорност на владеењето“, рече Бајден.
Договорот ќе го зголеми законскиот лимит на јавниот долг на САД, кој сега изнесува 31,4 билиони долари, за две години.
Сè очекува законот да биде напишан денеска и би можел да се гласа во среда.
Мекарти за новинарите изјави дека договорот вклучува историско намалување на јавната потрошувачка и додаде дека нема да има нови даноци и нови владини програми.
Доколку Бајден и Мекарти не постигнаа договор за зголемување на плафонот на националниот долг, кој моментално изнесува 31,4 билиони долари, Соединетите држави би можеле да се најдат во ситуација да доцнат или да не можат да ги исполнат своите финансиски обврски, без разлика дали се однесуваат на платите, пензиите или надокнада на нејзините доверители.
