
Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини, во изјава за порталот Работник на прашањето „Што после отказ од работа?“, одговорот го започна со една поговорка која вели дека често ја повторува и која гласи: „Кога една врата ќе се затвори, друга врата се отвора“.
Добивањето на отказ е голем стрес, вели, па поради тоа предизвикува силна емоционална реакција.
„На почетокот, луѓето најчесто се соочуваат со неверување и неприфаќање, за потоа да преминат во фаза на страв, разочараност, збунетост и слично“, посочи Златановска – Попова. „Сите овие состојби се дел од процесот на ‘зацелување’, потребата да ‘преболиме’, и се комплетно разбирливи и вообичаени“.
Таа ги советува сите кои се соочуваат со ова да се потрудат што побрзо да го остават во минатото (да ги остават затворените врати зад себе) и да се фокусираат на новите можности – новите врати на кои би можеле да затропаат и да ги отворат.
Златановска – Попова порачува дека добро е сите оние кои ќе бараат нови насоки после отказот, да си ги постават следните прашања:
- Што знам да правам?
- Во што сум добар/а?
- Кои вештини ги поседувам?
- Што ме прави среќен/а?
- Што е тоа што јас го умеам, а им треба на другите, на заедницата, на компаниите?
- Што ме мотивира?
- Каква работна позиција си посакувам и дали за неа е потребно да научам некоја нова вештина или занает
- Колку време и евентуално пари ќе треба да инвестирам за доедукација?
„Себе откривањето е клучниот дел во кариерното советување и ова се само дел од прашањата во рамки на процесот преку кој на клиентот му овозможуваме да ги препознае своите вредности, квалитети и знаења кои ќе му послужат при разгледување на огласите и аплицирањето за нова работа“, рече таа.
Заврши со една јапонска мудрост која вели: „Падни седум пати, исправи се осум пати“.
Оргиналниот текст на Работник на следниот линк: