Во продолжение следи вториот и далеку повозбудлив дел (за нашата ама и пошироката јавност) од Писмото- есеј, кое своевремено академик Анте Поповски го адресира до бугарската поетеса Блага Димитрова.

Писмото го објавува неговиот син Жорж Поповски а во него всушност е содржан одговорот на се она што денес ни се случува:

“Кон средината на минатата година објавивте повеќе песни кои сте ги пишyвале во текот на 1988 година. На тие песни практично никој тогај не обратил внимание. Една од нив носи наслов „На погибел”. Навидум, таа е мошне едноставна, речиси стереотипна во постапката кога станува збор за посебностите на вашата поезија, па сепак, точно таа песна како да ги насочи подоцна сите размислувања за ИМЕТО, кое е наша тема денес:

Сеедно што е на погибел месечината
таа одново ќе нарасне.
Така зборуваа старите
кога бев дете.
А кога е земјата на погибел
тие за тоа ништо не велеа.
Таква можност просто
и на ум не им паднала.
Ми останува само да нагаѓам:
одново ли тогај ќе се покаже
земјата
или пак ќе се покаже – пустош!

Сте биле во право: се’ уште е тешко да се претпостави што ќе се покаже: земјата или, недај Боже, пустош! Основи за едно такво сомневање дава вашата поезија од овој циклус: без заобиколување говорите за многу очај што го натрупа пред нас векот кој не’ напушта, парализиран од бесни брзини, склерозиран од подметнати микрофони, оглувен, мумифициран и сиот престорен во — ржење! Се разбира: не е тој свет апстрактен, туку е свет во кој најпосредно го осмислувате својот отпор и својата правостоина. Свет во кој живеете и вие и — јас. Говорите за тоа дека душата ви е престорена во општожитие и извикувате дека не може да се окове духот — зашто духот оковува се’! И извикувате уште дека не може да ви го одземе никој она — кое пред тоа вие сами сте го раздале. Така, одејќи до крај, и покрај сето ваше згрозување од се’, чесно и храбро предупредувате:

Севидливиот, сезнајниот, чуварот на се’,
можеби одново ќе се обиде да ни појасни се’,
да ни докаже се’, да предвиди се’,
па сепак, мене докрај ќе ми остане нејасно:
во друго време,
другаде,
постои ли друга земја превртена на глава?
Не е неопходен одговор: но — има! Такви сезнајни, севидливи и чувари на се’ — има и на други места. Со нив — земјата превртена на глава! Без нив — земјата сама себеси се избавува, и само пишти и — само ги проколнува!

Одново сега се обидувам да се навратам на темата ИМЕТО: личното име, татковото, фамилијарното. Едно — единственото!
Рековте дека личното име човек не си го избира сам но затоа пак макотрпно тој сам си го создава низ целиот живот, од првите — до последните сознанија. Го гради ден из ден, стапка по стапка. Готов си на сите лишувања само за да го заштитиш и сочуваш. Сраснуваш со него како со својата кожа, се сеќаваш низ него уште на првиот довик на својата мајка, на првиот довик на другарите во дворот. На твоето име му се обраќаат твоите човечки одговорности. Доколку држиш до своето име — ти не можеш а да не се одзвиеш. Во големите животни испити, ти повеќе внимаваш на своето име, отколку на својот живот.

Во името ти е содржано и твоето лице и твоето достоинство. Твојата неповторна личност — наспроти илузијата која го зароби нашиот дух и го сохрани идеалот на бројни reнерации уверувајќи ги дека кога ќе изградиме соци)ализам — сите ќе бидеме исти! Каков мангупски изум на идеолошката индустрија на нашиот век, која го зароби човекот, го обезличи и обезличен го фрли и отуѓи од се’. Твоето име ќе остане за твоите најбилски а можеби и за — народот. Кога правиш подли компромиси — ти оставаш дамки врз своето име засекогаш.
Татковото име има поинаква тежина. Низ неговото име ти не си сам: ти си син или ќерка на У. Ти во себе го носиш живиот препис на татковската крв. Тоа не е обичен амулет — тоа е судбина! Постојано има некого во тебе и крај тебе! Постојано некој открива некоја опасност околу тебе, постојано некој од нешто те брани, нечиј поглед постојано бдее зад секоја твоја стапка и мисла. Во тебе е населен незаменлив водич, учител и бог.
Татковото име постојано те враќа во свеста! Тој го наслутил и твоето потомство и потомството и по тебе. Тоа е името на целата човекова историја: Лај Персеј, Исус и Брут, Вапцаров и Јан Палах.
И најпосле — твоето фамилијарно име. Твоето име е гранче кое потреперува на чесното дрво на предците. Твоето фамилијарно име , би рекле вие, почитувана Блага Димитрова, те вклучува во родословниот синџир, кој поради нашата балканска историја и судбина најчесто е раскинуван и се’ уште невостановлив. Па сепак: човекот не е никој друг — туку потомок на еден сјаен род, наследник на сиот историски немир, на жестоки неправди страдања. Низ името на предците човекот е жива врска меѓу одминатите векови и вековите кои ќе дојдат по него. Тој е единствениот кој во овој час будно мотри врз моралната биографија на твојот родопис. И посегне ли некој врз името ти — во тебе се буди сознанието дека и’ припаѓаш на една крвна целина, на едно атавистичко право на крвна заштита на својот род.

IIIтo да се рече доколку некој посегне врз твоите имиња? Врз твоето име, врз името на твојот татко, врз името на твојот род? За таков потег вие би рекле дека е — терористички! Лишен на тој начин од својата биографија, лишен од својата совест — човекот лишен од своето име и достоинство — се пресоздавал во гнев и болка.

Тука на Балканот не се знае врз што е повеќе посегнувано: врз името или врз животот. Тука, значи, не мора да има војна за да се загине! Надграден е тука до совршенство системот на меѓусебното ништење на еден од друг а кога ќе го снема другиот тогај едниот себеси се ништи. Специфичен облик на духовен канибализам! И уште еден балкански специјалитет: обединување на непријателите меѓу себе против помалите и понемоќните: апсолутна смисла за редакција. А потоа — старото правило: едниот против другиот, се’ до меѓусебно истребување. Впрочем, вие тоа толку добро го знаете и сигурен сум, дека се срамувате од тоа, но што од тоа? „Доколку воопшто историјата не’ поучува на нешто тогај таа не поучува дека во таканаречените преломни мигови моралните прашања остануваат на втор план” — би рекол Крлежа и би додал дека нашите меѓунационални игри се хистерија на празни мозоци!
Нов 5. чин на дивјаштвото почитувана Блага Димитрова, се случуваше пред нашите очи. На вашите бугарски сограѓани со исламска вероисповест, во име на безумството по кое копнееле Живков или Џarapoв, им беа одземени нивните муслимански имиња според нивната верска припадност, независно од нивното национално потекло кое е „толку тешко да се востанови колку што е тешко да се востанови и бугарското” — рековте вие по тој повод и додадовте дека тое е тешко поради тоа што му припаѓаме сите заедно на крстопатот на народите низ векови, — на Балканот. На таа негова проколната географија.

Убаво знаеме: покрстувањето некогаш се одвиваше низ меч. Ова последното покрстување во Бугарија, исто така, не мина без крвопролевања, но тоа уште и не е најтрагичното: најтрагичното беше во бришењето на имињата на луѓето! По којзнае кој пат одново во Бугaрија се повтори логиката на јатаганот, суровоста на средновековната инквизиција: судбината на преименувањето не ја доживуваа само луѓето туку заедно со нивната судбина ја доживуваа и мртвите! Беа изменети имињата на улиците доколку тие претставуваа некое муслиманско име! И не само тоа: таа судбина ја доживеаја и бугарските народни песни доколку во нив се споменува име на турчин! На бугарската земја никојпат не биле изгазени толку полумесечини како овојпат: секој муслимански мотив беше под ударот на живковиот великобугарски јатаган.

Чесниот бугарски народ се објави против оваа бруталност. Меѓутоа, точно ова беше поводот за да се разјари ѕверот. По улиците на Софија се појавија огромни транспаренти кои предупредуваа: Бугарија е — еднонацонална! Во Бугарија не живее никој друг освен Бугари! Се побара смрт за сите кои не мислат така: смрт за родоотстапниците, пишyваше на великобугарските транспаренти! Казни бараа и за вас, почитувана Блага Димитрова, над вратата на вашиот стан во Софија беше нацртана голема полумесечина! Тогај вие јавно извикакавте: „Вандалското посегнување не е ограничено само врз муслиманското население кај нас. Тоа е само дел од општонарушените човечки права”.

Точно ова беше причината и советскиот поет Расул Гамзатов, да му се обрати на вашиот нов лидер Петар Младенов: сега светот доживува време кога за луѓето би требало да биде полесно да сфатат обични човечки вистини како што е фактот дека песните на еден народ не им пречат на песните на друг народ и дека јазикот еден народ не му пречи на јазикот на друг народ и дека не е добро тие да се ништат меѓу себеси: Е неразумно, значи да се обидуваме да ги собереме ѕвездите од небото за да направиме една голема месечина. Расул Гамзатов рече: историјата на мојата земја знае за трагични епизоди, кога силниците не само што не ги почитуваа имињата и јазиците, туку беа против и самото постоење на одделни народи. Но, времето ги остави нештата на свое место.

Овојпат, почитувана Блага Димитрова, јас не ве измачувам со прашања за судбината на другите народи во Бугарија. Одговорите на такви прашања имплицитно се содржани во фактите и во осудата на применетите методи над муслиманите во Бугарија. Знаеме за фактот дека за секој турски збор изговорен во Бугарија се плаќала казна од пет лева и дека од 1984 па се’: до неодамна, тајно, при целосен информативен молк и мрак — се вршело се’: од инквизициски тортури над луѓето кои не се чувствувале Бугари па се’ до нивна — ликвидација!

Патем, добро се знае дека во тодорживковите логори со вжежени железа им се горени и уништувани и половите органи на Македонците! Признавам, не сакав ова писмо да го валкам со калта на великобугарската шовинистичка стратегија по македонското прашање. Тоа одново наскоро ќе дојде на дневен ред, независно тоа дали и на која политика не и’ се допаѓа. Вашиот Александар Миланов, во „Лифронт”, неодамна изјави дека „насилството не’ доведе до едно живо блато од кое не можеме да се измолкнеме со чаталите на високопарните патриотски фрази. Можеме само да се стрмоглавиме и бесповратно да потонеме во гнилежот на тоталитарните постулати. Должни сме да ја одбраниме одвај проодената демократија за да земјата не ни се престори во резерват на сталинистичкото азијатство, за да не се срамуваме дека сме Бугари”. Ете тоа се пишува денес во „Литературен фронт” — до вчера најозогласената антимакедонска тврдина во Бугарија!

Не знаеме каков знак му нацртале над вратата на А. Миланов. Можеби еврејска ѕвезда? Онака како што вам ви нацртаа полумесечина, а на поетесата Екатерина Јосифова — еврејска ѕвезда. Ѕвездата е нацртана над двата некролога: Надежда и Петар Близнакови, учители, родители на поетесата. А зошто? Причината да се нацрта еврејска ѕвезда на вратите на нејзиниот дом од страна на великобугарските шовинисти е едноставна: преку радиото, поетесата дала изјава дека нејзините бугарски сонародници кои го негирале правото на муслиманите во Бугарија – ги ограничуваат правата и слободите на сите кои не се чувствуваат Бугари! Инаку, во нејзиното семејството нема ништо јудејско: поетесата по потекло од Ќустендил имала само дедо од — Кратово. „Никој мојот дедо Михаил, вели Е. Јосифова, не го викал — Мехмед“!

Бранејќи го ИМЕТО потсетивте дека нема анонимна вина. Во општата глувотија се слушаше само вашиот вознемирен пулс; кабинетите се обидовте да ги отворите залудно тропајќи на нивните врати со метафори. Извикувавте:

А надвор морето довикува, стенка,
Отворете,
Пресушуваат дните,
Отворете,
Се уриваат тврдините …

Никој не сакаше да ви отвори, никој не о6раќаше внимание на вашето полудено море кое надоаѓаше за да разурне се’, за да откорне од темели — се’. Разбрав дека вашиот довчерашен главатар бил љубител на колекции: слики, марки, долари, несекојдневности… И царот Петар Велики бил голем љубител на секакви колекции. В. Холоборотко го знаете? А неговите „Исушени козаци”? Еве ги:

Царот Петар љубеше секакви колекции:
патувал по Германија и купувал разни
слики и древни книги.
Посакал да има таква колекција —
каква уште никој не видел на светот.
И побарал тој од хетманот Полуботко неколкумина козаци да бидат исушени за неговата нова колекција.
А хетманот: не, и одново: не.
Цар Петар го повикал Полуботка
Полуботко довел четиристотини козаци и им заповедал:
внимавајте, рекол, млади господа, не бојте се!
Не бојте се, нема да ве изеде!
Ни капите ваши дури не симнувајте ги!
Влегле тие во палатата, чекале царот да се појави.
А кога се покажал тој — Полуботко застанал пред него:
не давам, вели, не ги давам козаците во немилост и — квит!
Цар Петар тогај ја извадил сабјата и го приковал Полуботка на ѕидот за да се суши.
Полуботко ги погледнал своите козаци а тие самите себеси веќе се приковале на ѕидот и веќе се сушеле.
Така Петар и ја добил необичната колекција — четиристотини и уште еден исушен козак: со шалвари и капи.
Би како што е.

Но, вашиот довчерашен социјалистички цар, имал уште пооригинална колекција со исушени Македонци … Времето ќе ги дооткрие тие нешта, ќе ја дооформи претставата и за него, како што ја дооформувало претставата за секој налик него.

Неодамна и’ пишував на Ана Бландиана. Денес ви пишувам вам, а причината, овојпат, не е поезијата туку непоезијата на животот: поетите обично молчат, рече Корнхаузер, тогај кога народот ја очекува вистината од нив. Таа вистина мора да биде вистина на народот. Вие овојпат ја поистоветивте својата вистина со вистината на народот па во овој пресвртнички час таа вистина делува исклучителио храбро: го одбранивте ИМЕТО, не го предадовте поетот во вас. Се преобразивте во една знајна метафора на Н. Станеску: Јас сум само една дамка крв која зборува. Тоа е — ИМЕТО! Гранче чесно дрво!

Првиот дел од писмото

Името, дамка која зборува – писмо од легендарниот Анте Поповски до бугарска поетеса