Посебно сум горд што не почнав ниту една војна, напомна Трамп во прошталниот говор

Во своето последно обраќање на јавноста како претседател на САД, Доналд Трамп порача дека е „посебно горд што е првиот претседател во последните неколку децении кој не почна ниту една војна“.

„Како резултат на нашата смела дипломатија и на принципиелниот реализам, постигнавме низа историски мировни договори на Блискиот Исток. Тоа е зората на новиот Блиски Исток и ги вративме нашите војници дома. Посебно сум горд што сум првиот претседател во последните неколку децении кој не почна ниту една војна“, рече тој.

Покрај уште една осуда на насилниот влез на демонстрантите во Капитол на 6 јануари, тој нагласи и дека „движењето што го покренавме е на самиот почеток“.

„Сега, додека се подготвувам да ја предадам власта на новата администрација во среда напладне, сакам да знаете дека движењето што го покренавме е на самиот почеток. Никогаш немало нешто како тоа. Верувањето дека нацијата мора да им служи на своите граѓани нема да исчезне, туку ќе јакне секој ден“, порача Трамп.