Профил на првиот вицепремиер Груби со наслов ,,Артан во груби црти”, објавува Владо Апостолов за Призма на 03 мај 2023.
Профилот на за многумина најмоќниот политичар во Македонија содржи низа забелешки кои во нормална држава Груби би го ставил на столбот на срамот а нему му помага да ја засили својата моќ во партијата и гласачкото тело.
Дури и неговите партиски колеги го гледаат како ,,чаламџија” кој се фали со работи кој никогаш не ги направил.
,,Опозицијата и „огнените“ секојдневно го напаѓаат портретирајќи го како ѓаволот лично, медиумите и социјалните мрежи „пламнуваат“ на неговите некогаш неодмерени изјави, а обичниот народ сè повеќе го доживува како најмоќниот политичар во Македонија.
Тој, пак, ербапски, со подвиткани ракави од белата кошула игра кошарка и фудбал на мали голчиња со колегите во кабинетот. Со џокеровска насмевка ги боцка новинарите дека само уште за времето не го прашале и театрално на прес ја симнува вратоврската и му ја дарува на репортерот што заклучил дека краватата во маскирен дезен е воена провокација.
На Илинденска бр. 2 често ги протегнува нозете отаде чергичето и солира за клучни прашања.
„Прва точка – уставни измени, втора точка – распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум, нека влезат, нека гласаат“, ова првиот вицепремиер Артан Груби на телевизија им го понуди на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, откривајќи дека понудата не ја консултирал со премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот Али Ахмети.
Меѓутоа, седокосите сопартијци, дел од оние што и не се баш директно вмешани во партискиот раскол, саркастично ќе речат:
„Чаламџија!“
„Се фали дека го чува пенкалото со кое го потпишал договорот со ‘Бехтел и Енка’, а тој, всушност, ништо нема потпишано. Не е тоа негова работа“, коментираше партиски функционер на интегративците во неформален разговор со БИРН.
Фаленичарењето сериозно влијае врз сликата за него.
Не е потребна посебна сондажа на јавното мислење да се заклучи дека етничките Македонци баш и не го сакаат, иако на хартија тој би требало да биде далеку поприфатлив отколку неговите сопартијци – поранешни команданти.
Не е носител на герилски прекар, средно училиште учел во Карпош, во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, студиите ги завршил на државниот скопски универзитет УКИМ и беспрекорно говори македонски.
Ужива во медиумското внимание
Артан Груби ја надгради пратеничката со вицепремиерска функција по изборите во 2020 година. Прво во владата на Заев, а сега на Ковачевски, тој е министер за политички систем и односи меѓу заедниците и прв потпретседател на владата. Во описот и пописот на неговите задачи никаде нема инфраструктурни проекти.
Нема кога и каде да фрли лопата и да пресече лента.
Меѓутоа, потпретседателската функција му дава маневар да се занимава и со други прашања, а тој максимално ја користи можноста во случајот со „Бехтел и Енка“. Дотолку што изгледа дека ги грабнал патиштата од рацете на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и не му ги враќа.
Самоуверено „сурфа“ на бранот незадоволство предизвикан од скандалите, максимално користејќи го медиумското внимание. Единствено тој од владиниот тим влегува во материјална расправа со новинарите околу аферата со надзорот за коридорите 8 и 10.
„Дали тука кај нас се обвинети? Не!“, најчесто вака го правда изборот на дел од компаниите за надзор, чиj сопственик во странство се гони за измама.
Приватизацијата на проектот може да се протолкува како политички маркетинг зашто патиштата ќе минуваат главно во западна Македонија, каде што живее мнозинско албанско население.
Многумина веруваат дека Груби вака си го поплочува патот кон премиерската функција зашто за помалку од година треба да се реализира „псе-јо“ договорот меѓу Заев кон Ахмети.
„’Зборувај со Артан’ е одговорот што сите го добиваат кога нешто ќе му побараат на Ахмети“, вака припадник на „огнената“ група во разговор за БИРН ја опишува моќта што сега ја има вицепремиерот”, пишува БИРН.