Пораките од пред Влада – Пишува Роберт Димитриевски

Од синоќа немаат мирен сон ни Христијан Мицкоски, ни Зоран Заев, ни дипломатскиот кор во земјава, уште помалку пријателите на Македонија во Брисел и во Вашингтон, како што овдешните политичари милуваат да се изразат. Од десетиците илјади присутни на собирот пред Владата организиран од најголемата опозициска партија во државава сите заедно добија жежок костен в рака. Толку жежок што ќе мораат итно да размислат што и како понатаму со сопствените политики, кои, очигледно, и тоа како влијаат врз животот на македонските граѓани, а посебно врз чувствата на Македонците.

Огненото крштавање на Мицкоски пред партиското членство по изборот за наследник на Никола Груевски минатиот декември колку што му донесе легитимација пред сопартијците, со оглед на изненадувачки позитивните бројки од протестот, толку му натовари одговорност на грбот. Масовноста на митингот покажа дека разочараноста од состојбите во партијата што ја водеше државата 11 години по заминувањето во опозиција, сепак, не го натерала огромното мнозинство од членството да ги смени партиските бои. Најголемиот дел од членовите и од симпатизерите што помислуваа дека „од ова ДПМНЕ повеќе не бидува ВМРО“ пак се собраа под партискиот барјак, ако ништо друго за да видат на која страна ќе фати партијата пред дефинитивно да одлучат дали и понатаму ќе ја поддржуваат. Токму од тоа јадро доаѓа и директната порака до лидерот дека времето за консолидирање помина и оти сега е мигот за артикулирање конкретна политика, пред сè, во насока на заштита на македонските национални интереси додека власта преговара за името на државата и за целиот пакет поврзан со него. Економската состојба во моментов за вмровците, се чини, дека е во сенка на тој приоритет, иако не им е помалку важна.

Заев, пак, доби експлицитна потврда дека опозицијата не само што не е на колена, како што можеби изгледаше долго по неговото седнување во премиерската фотелја минатиот јуни, туку е жилава, регенерирана и мотивирана да го испрати на буништето на историјата. Стагнирањето на многу полиња во земјата и назадувањето на уште повеќе не само што не ги кутна опонентите на неговата Влада, иако партијата околу која гравитираат долго оддаваше впечаток дека е во нокдаун и оти ѝ нема враќање, туку од ден на ден регрутира сè повеќе и повеќе нови незадоволни. Сите што не се согласуваат со начинот на водењето на државата од СДСМ токму во ВМРО-ДПМНЕ, и покрај сите грешки во чекори изминатиов период, гледаат единствена вистинска алтернатива во ситуација кога респектабилна трета опција уште не е на повидок на политичката сцена. Ако тоа не го разбрал премиерот, тогаш уште сега може да им се заблагодари на армијата советници кои од парите на даночните обврзници катадневно го уверуваат колку е убав и паметен и колку сите го одобруваат тоа што го прави.

Поддржувачите на Заев и на неговата владина коалиција однадвор, пак, добија јасна слика за потенцијалот за отпор на неговите, а со тоа и нивни, опоненти во Македонија. Отпор за недостоинственото водење на разговорите за разликата за името со Грција што на чудесен начин прераснаа во преговори. Отпор за безглавото јуришање врз портите на Европска унија и на НАТО по секоја цена, без да се води сметка за тоа што ѝ е свето на мнозинската етничка заедница. Отпор за јаловата економска политика со нула раст на бруто домашниот производ, со ниту една директна странска ивестиција во оваа една година на власт, со ново задолжување на државата од над 1,5 милијарди евра, со непомрднати плати и пензии. Отпор за непотизмот и за партизирањето на јавната администрација, за гонењето на неистомислениците со истовремено пуштање од затвор на криминалци, за стопирањето проекти што се покажаа исправни и што донесоа надеж за подобро утре за сите граѓани, без оглед на етничката припадност или на блискоста кон одредена политичка опција.

Токму надежта дека во последен момент ќе се запре колата што со голема брзина се движи надолу е заедничкиот именител на десетиците илјади собрани пред Влада и на уште неколкукратно повеќе што не беа таму, а посакуваат и веруваат во пресврт. Кој од актерите наведени во почетокот не ја прими пораката од акумулираната енергија вчеравечер, во најмала рака непријатно ќе биде изненаден, и тоа наскоро, на предвремени избори или без нив. Надежта последна умира, а најопасен е народот оставен без надеж.