Поповски: Дали Кисинџер и сега би рекол „Украина не треба да влезе во НАТО“

(…)

Во овој драматичен ќор-сокак кога се чини дека конфликтот во Украина навистина ќе биде неизбежен, затоа што целата дипломатска френетичност изгледа како „разговор на нем со глув“,многу западни лидери и политички мислители повторно си го поставуваат прашањето: А, што би направил Хенри Кисинџер во ваква ситуација? – пишува новинарот Љупчо Поповски во колумна за „Независен“.

Поповски потсетува дека Кисинџер (98) одамна кажа како би требало да се решава ситуацијата во Украина и го напиша тоа во колумна за „Вашингтон пост“ во март 2014 година.

„На таа негова проекција за решавање на нерешливото денеска се повикуваат многумина во западните влади и во НАТО. Кисинџер во овој текст размислува целосно глобално и историски, некои од неговите оценки може да не им се допаднат на сегашните западни лидери, а и на властите во Украина“ – пишува Поповски.

Во таа позната колумна насловена „За да се реши украинската криза, почнете од крајот“, Кисинџер пишува дека „премногу често украинското прашање се поставува како пресметка дали Украина ќе се приклучи на Истокот или на Западот.

Но, ако Украина сака да преживее и да напредува, таа не смее да биде бастион на ниту една страна против другата – таа треба да функционира како мост меѓу нив…

Русија мора да прифати дека обидот да ја натера Украина да има статус на сателит и со тоа повторно да ги помести руските граници, ќе ја осуди Москва да ја повтори својата историја на самоисполнување на циклуси на реципрочни притисоци со Европа и Соединетите Држави.

Западот мора да разбере дека за Русија Украина никогаш не може да биде само странска земја. Руската историја започна во она што се нарекуваше Киевска Рус. Оттаму се рашири руската религија. Украина со векови е дел од Русија, а нивните истории биле испреплетени пред тоа…

Поповски во колумната потсетува на четирите „принципи, а не рецепти“ кои ги дал Кисинџер за решавање на кризата во Украина.

Првиот од тие принципи е – Украина треба да има право слободно да ги избира своите економски и политички здруженија, вклучително и со Европа.

Вториот е – Украина не треба да влезе во НАТО;

Третиот – Украина треба да биде слободна да создаде каква било влада компатибилна со изразената волја на нејзиниот народ. Мудрите украински лидери тогаш би се одлучиле за политика на помирување меѓу различните делови на нивната земја.

На меѓународно ниво, тие треба да држат позиција споредлива со онаа на Финска.

И четврто –  некомпатибилно е со правилата на постоечкиот светски поредок Русија да го анектира Крим. Но би требало да биде возможно односите на Крим со Украина да се стават на помалку напрегната основа.

За таа цел, Русија ќе го признае суверенитетот на Украина над Крим. Украина треба да ја зајакне автономијата на Крим на изборите одржани во присуство на меѓународни набљудувачи…“

Од сите овие принципи се чини дека најмногу во оптек е оној за „финландизација“ на Украина, кој, сепак, во овој момент изгледа неприменлив, констатира Поповски.