„ВМРО ДПМНЕ останува на својот став: уставни промени не можат да се случат под овие услови. Ова е јасно изнесувано повеќепати. Кажа и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека ќе го повтори истиот тој став на лидерската средба, која ќе се организира наредните денови.“ – рече претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ Сергеј Попов во емисијата „Отворено“ на Телевизија 24.
Тој додаде дека, ако СДСМ сака за кое било прашање во Македонија да се постигне согласие, тогаш консултациите со опозицијата не смеат да се случуваат отпосле. „Не може да се прифатат прво некои работи, а после да се обвинува опозицијата дека не ги прифаќа и да и се упатуваат обвинувања оти не е способна да постигне согласие. Тоа не е пример само со уставните измени, туку и со договорите со ‘Бехтел и Енка’, кои се потпишаа.“ – кажа Попов.
Попов истакна дека уставни измени под вакви услови со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ нема да се случат и оти оваа партија повеќепати ја има повикано власта да ги стави на дневен ред уставните измени.
„Пред да одат и се да прифаќаат тие треба да дојдат и да се консултираат со најголемата опозициска партија во државата и со најголемата пратеничка група во Собранието. Моментно СДС се однесува како да имаат 80 пратеници, па не се консултира со никого, но СДС има многу тенко мнозинство откако владее се до ден денес.“ – нагласи Попов.