Попис за отпис – Пишува Роберт Димитриевски

Кому му треба попис среде пандемија на смртоносна болест, со чие справување Македонија се „прослави“ на планетарно ниво? На партнерите од владината коалиција, „разбира се“. Самото тоа што ДУИ инсистира баш сега да се прави тоа што многу поорганизирани држави, како Германија и Хрватска, го одложија за в година, кажува сè. Едноставно, сега СДСМ е на ред да испорача за тоа што воопшто има Влада, колку и да е таа на климави нозе, како и за гласовите на Албанците, клучни за изборот на Пендаровски за претседател. Со други зборови, тоа што треба да биде обична статистичка операција на собирање податоци за планирање на политиките во сите области до следниот попис за нив е само алатка за отпис на долгови.

Игнорирањето на сите здраворазумски и добронамерни забелешки, не само од опозицијата, само по себе раѓа сомнеж за намерите, посебно имајќи го предвид „пописот“ на гласовите на изборите минатата година. Наводниот хакерски напад врз Државната изборна комисија само ја зголемува недовербата и во однос на пребројувањето на населението. Уште поосновано е сомневањето за манипулации со вистинските бројки поради овозможувањето друг, дури и нечлен на семејството/домаќинството што се попишува, да дава податоци со приложување единствен матичен број од лицата.

Згора на сè, наспроти утврдената пракса речиси насекаде во светот, ќе се броело и нерезединтното население, односно лицата отсутни од државата подолго од една година. Познавајќи ја (не)чесноста на истите овие што запнале да го спроведат и пописот, а на кои око не им трепна кога ја погазија народната волја на пропаднатиот референдум за името, кого ќе убедат дека (дел од) овие податоци нема да ги додадат кон тие за резидентите?

Конечно, зошто некој би поверувал во интегритетот на процесот и во неговите резултати ако уште не почнат се лицитира со бројките за етничката припадност? Првенците на ДУИ ја поставија летвичката минимум на таа од последниот попис од 2002 година, според кој во Македонија живеат 25 проценти Албанци, заканувајќи се дека ништо под тоа нема да признаат и прифатат. Гаранција за избегнување непосакувани бројки и проценти за нив е врзаниот потпис на директорот на Државниот завод за статистика со заменикот од нивните редови врз конечниот извештај.

Кога ќе се постават работите вака, на нож, можни се два исхода. Првиот е, наместо жителите, да се пребројат државјаните на Македонија, па да се добие нереална бројка од 2,4 милиони наместо претпоставените околу 1,5 милиони поради масовното иселување и намалениот наталитет. Вториот е штелување на бројките по вкусот на Ахмети, но и на другите лидери на Албанците во „нашата земја“, а со амин на „должниот ко Грчка“ Заев.

Наједноставно отстранување на сите дилеми е увидот во електронската база на податоци, пред сè, на Министерството за внатрешни работи. Во неа црно на бело пишува кој и кога излегол од државата и колку време е надвор од неа ако во меѓувреме не се вратил. Тука се и базите на десетина други институции како фондовите за здравство, за пензиско и за инвалидско осигурување итн., со чие вкрстување би се добиле и другите потребни податоци. Тоа ниту бара милионски средства, колку што сега непотребно ќе се потрошат, ниту ќе се загрози здравјето на попишуваните. Со вклучување и на експерти од Евростат и на претставници од опозицијата, процесот само би добил на веродостојност и потоа не би бил оспоруван.

Јасно е како бел ден дека графата за етничка припадност е со најголема специфична тежина во земја во која таа пресудува од запишување на факултет до вработување во јавната администрација, иако илузорно е и да се помисли дека еднаш стекнатите права според Рамковниот договор би биле укинати со промена на процентите. Но, тие што условуваат со однапред, од ракав извадени бројки, забораваат дека и мнозинството може да постапи идентично: „Сакате да ги броиме и тие што се одамна иселени? Нема проблем. Во тој случај, не прифаќаме под 72 проценти Македонци и над 17 отсто Албанци, според бројот на државјанства“.

Би постапиле ли така Зоќе, Колјо, Рада, Љупче Корупција, Костадин Војводата ем Капитанот и другите околу нив што по бугарското вето глумат патриоти, откако го згазија достоинството на Македонија и на македонскиот народ – и зошто не?