Дебатата за пописот е завршена, а пописот на населението ќе се одржи од 1 до 21 април изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашања.

„Какви и да беа коментарите за евентуално одложување или не, завршија. Дебатата во нашата земја од 2012 година наваму се води, откако не успеа пописот, а тоа се цели девет години како дебатираме за попис.

И, доста беше дебатирање, дајте да седнеме и да го завршиме тој попис, затоа што, ниту ќе смени нешто политички во државата, ниту ќе скрати, ниту ќе дополни одредени предности, правила, привилегии или било што“, рече Заев.

„Методологијата веќе е објавена и одговорени се сите прашања. Обврска, на секој граѓанин е да се попише. Има сериозни санкции за одбивањето, за давање одговори, односно непопишување со самиот попис. Тоа е граѓанска обврска кон државата и верувам дека сите ќе ја исполниме“, изјави Заев.

Уште еднаш, Заев ги повика сите чинители во општеството – политичките партии, граѓанските организации, коморите, синдикатите и граѓаните, сите сериозни да се пристапи кон оваа статистичка операција.