За прв пат во Македонија, таканаречената воздушна амбуланта ќе стане реалност преку јавното-приватно партнерство меѓу Владата и фирмата „САРХЕМС“ кое неодамна беше запечатено со потпишувањето на договорот.

Се работи за услуга во случај ако граѓанин доживее незгода, посебно на непристапен терен, а итно му е потребна лекарска помош, најдоцна за 15 минути ќе биде испратен хеликоптер кој ќе треба да го однесе до најблиската болница

Но, спасувањето на човечкиот живот има цена, иако Владата упорно се обидуваше да ја „продаде“ услугата како бесплатна, дознава Радио Слободна Европа.

„Без пари ќе добивате се, како тие ќе си наплатат е нивен проблем“, тврдеше Рашковски и ги убедуваше новинарите на брифинг на крајот на минатата година дека „САРХЕМС“ ќе заработува само преку исплатата на осигурителните компании кога таквиот вид на услуги ќе им бидат потребни на странски државјани.

Сепак, по се изгледа, Владата во име на „САРХЕМС“ ќе прибира средства, пишува РСЕ.

Трошоците на „САРХЕМС“ ќе изнесуваат 9 милиони евра годишно или 72 милиони евра за 8 години колку што е предвидено јавното-приватно партнерство. За возврат, како што се наведува во додатоците на договорот, за воздушната амбуланта пари ќе се издвојуваат од секој странски турист што ќе оствари ноќевање во државата, како и од секое странско возило кое ќе ги користи македонските патишта и од секој патник кој од аеродромите во Скопје и во Охрид ќе отпатува на некоја друга дестинација, заедно со надоместоците од европската организација за безбедност на воздушната навигација Еуроконтрол…