Првиот училишен ден и адаптацијата на училиштето за сите деца е различен. Психолошки гледано, адаптацијата им е потребна на децата, но и на родителите.
Адаптацијата за родителите започнува уште при запишувањето на детето во градинка, тоа е прв пат кога родителите губат одредена контрола врз детето и сè што му се случува (каде и со кого си игра, што прави и сл.). Тешкотиите и несигурноста се јавуваат во форма на грижа за тоа како детето ќе се соочи со новата реалност и новата фаза на првоодделенец и како ќе помине цел тој процес. Разговор со други родители кои поминуваат или поминале низ истото може многу да помогне за разбирање на училишната динамика и намалување на загриженоста кај родителите.

Од друга страна, адаптацијата за децата значи навикнување на правила кои постојат во училиштето кои се различни од оние кои постојат во домот, на кои детето е веќе навикнато. Детето треба да ги совладува образовните активности, но и да му биде удобно на училиште. Успешна адаптација значи развивање на позитивен однос кон училиштето и учењето. Првачињата важно е да формираат позитивен поим за себе (селф концепт). Тоа значи да се чувствува добро за себе си и за своите способности. Се формира при комуникација и активности со другите, па затоа родителите и учителите се многу важни во овој период.

Тоа во пракса би изгледало така што учителот создава ситуации на успех во училницата, воведува систем на награда, користи визуелни помагала кои ја зголемуваат мотивацијата за образовна и когнитивна активност на децата, а родителите во домот потребно е да забележат што е она што детето го прави добро и да се фокусираат повеќе на тоа. Така ќе се зголеми самодовербата и детето ќе има желба тоа да го направи уште подобро или да го повтори истото. Најдобар начин да им се помогне на децата да оформат позитивен став за себе, што би значело и почесто користење на јас можам и јас умеам, е да се коментира и пофалува однесувањето на децата и напорот кој го вложуваат. Пример „Напорите се исплатеа“, „Беше навистина добро подготвен/а“, „Напорно работеше, сигурно си горд на себе“, а никако да се коментира за детскиот карактер и квалитет затоа што доколку детето не успее во иднина, неуспехот ќе го препишат на недостаток на подготовка или напор, а не на лични квалитети. Пофалбите треба да бидат секојдневни „Одлично го направи тоа“, „Браво, успеа“, со што ќе се потенцира позитивниот поим за себе (селф концепт).
Секако потребно е родителите активно да зборуваат за училиштето, а доколку се сеќаваат добро е да споделат свое искуство за тој период. Кога се прашуваат децата за училишниот ден, да се обрне внимание на одговорот кој децата ќе го дадат, бидејќи тие одговори најчесто можат да укажат на можни проблеми со кои се соочуваат децата за време на адаптацијата, при што се отвора можност за помош низ разговор.

Доколку родителот забележи тешкотија во адаптацијата на детето во училиште, потребно е да разговара со учителот или да побара стручна помош.


ЈОВАНА ЗАТАРАКОСКА
Лиценциран психолог
Сертифициран системски и семеен советник