Полска очекува ЕУ да ѝ плати за зајакнување на границата со Белорусија

Полска очекува Европската унија да и помогне со финансирање мерки за зајакнување на источната граница на земјата. Ова го изјави заменик министерот за надворешни работи Павел Јаблонски, цитиран од „Ројтерс“.

Варшава најави заострување на безбедносните мерки поради загриженоста за присуството на групата Вагнер во Белорусија.

Вчера, лидерот на владејачката националистичка партија „Право и правда“ во Полска – вицепремиерот Јарослав Качињски – рече дека според неговата земја можеби веќе има околу 8.000 борци на Вагнер во Белорусија.

Тој посочи дека Полска ќе преземе и привремени и постојани чекори за зајакнување на границата, вклучително и зголемување на присуството на безбедносните сили и утврдувања.

Запрашан денеска дали Брисел треба да и помогне на Варшава да плати за ваквите мерки, Јаблонски одговори дека „Полска тоа го очекува“.

„Европската солидарност значи поддршка за земјите во ризик од дестабилизација. Овие заштитни мерки мора да се зголемат“, нагласи тој.