Полска може да испрати тенкови „Леопард 2“ во Украина дури и без германско одобрение за повторен извоз. Ова го изјави полскиот заменик-министер за надворешни работи Павел Јаблонски, цитиран од Ројтерс.

Неговата изјава доаѓа пред денешниот клучен состанок за испорака на оружје за Киев.

Варшава и другите сојузници на НАТО се залагаат Берлин да им даде зелено светло за испраќање тенкови од германско производство во Украина, поради сè понагласените барања на Киев за тешко вооружување, за кое вели дека е од суштинско значење за борбата против руската инвазија.

Тоа најверојатно ќе биде главната тема на разговорите меѓу западните сојузници во воздухопловната база Рамштајн во Германија подоцна денеска.

„Не исклучувам дека сме подготвени на таков чекор“, изјави Јаблонски за приватното радио РМФ ФМ.

„Во моментов се обидуваме да ја натераме Германија не само да се согласи овие тенкови да бидат испратени од Полска или други земји, туку и самата да го направи тоа“.

Германија не сака да испрати тешко оружје што може да се смета за ескалација на конфликтот во Украина и досега одбиваше да им дозволи на своите сојузници да обезбедат тенкови „Леопард 2“ кои се главен столб на сојузничките армии низ Европа.