Полска ги испорача првите „леопарди“ во Украина

Полска го потврди испорачувањето на првите тенкови Леопард во Украина во петокот, за време на денешната посета на премиерот Матеуш Моравјецки на Киев, а по повод одбележувањето на една година од руската инвазија на Украина.

На состанокот на Советот за национална безбедност во Варшава, претседателот Анджеј Дуда информираше: „Премиерот не можеше да биде тука, тој отиде во Киев да однесе тенкови ‘Леопард’ кои се првата серија испорачана во Украина“, јавик Дојче веле.

Набргу откако Берлин го одобри извозот на борбените тенкови од германско производство, украинските војници започнаа со обука на тенковите „Леопард 2“ во Полска.

Моравјецки рече дека се испорачани четири тенкови. Но, не беше веднаш јасно дали тоа се модерниот Леопард 2 или нивниот претходник, „Леопард 1“.

Дуда во јануари изјави дека Полска ќе му даде 14 леопарди на Украина.