Пишува: Проф. Д-р. Зоран Илиевски
Со по едно ново раселено лице на секои 3 секунди, денес во светот има повеќе раселени луѓе (над 65 милиони) отколку за време на Втората светска војна.
Сепак, во состојба на пролонгирани вооружени конфликти и зголемен притисок во однос на животната средина, глобално бројот на бегалци и мигранти ќе расте.
И покрај големината и важноста на овој феномен, често перцепциите на јавноста и одговорите на политичарите се несоодветни, а јазот помеѓу јавното мислење и мислењето на експертите е огромен и расте.
Мотивирани од ова, меѓународна група на експерти, во истражувачкиот тим MIGRATE ги проучуваа ефектите од кризата со големите мешани миграциски текови кон ЕУ по 2014 година, во однос на домашните политики во две групи на земји во Европската Унија, како и во однос на процесот на проширување на ЕУ.
Клучно е сега, после кризата со менаџирањето на миграциските бранови, како и француското „не“ за доделување на датум за почеток на преговори, но и дилемите за самата иднина на Европскиот проект, ретроспективно да се согледа односот и политиките во институциите на ЕУ, како и групирање на земјите-членки по ова прашање.
За време на мигрантската криза, која започна во 2014 година, воглавно на југоисточната периферија на ЕУ по таканаречената Балканска рута, се увиде дека нивото на интеграција и солидарност помеѓу земјите-членки не е толку длабоко и целосно како што се очекуваше.
Кризата дополнително влијаеше и на односите со земјите-кандидати за членство, а имаше и големо влијание во кампањата за “Брегзит“. Недостатокот на заедничка ЕУ политика и неподготвеноста да се сподели суверенитетот станаа очигледни меѓу членките на ЕУ од самите почетоци.
Ова пак доведе до пад на кредибилитетот на ЕУ, нејзините фундаментални принципи како солидарноста меѓу земјите-членки, заштитата на човековите права, како и на нејзините институции.
Како последица на кризата во Еврозоната, како и на кризата на либералната демократија, но и на соработката и носењето одлуки базирани на компромис во ЕУ, се создаде плодна почва за поддршка на ксенофобични, популистички и анти-демократски политичари низ целиот континент кои силно се спротивставуваат на понатамошното проширува и продлабочување на ЕУ.
Посебно земјите-членки кои се приклучија на унијата од 2004 година покажаа неподготвеност за последиците од клучниот принцип на ЕУ за споделување на суверенитетот.
Додека европската криза ја подели Европа на север и југ, мигрантската криза ја подели меѓу истокот и западот, отворајќи ги повторно раните од поделбата за време на Студената војна.
Да го парафразирам Иван Крастев, додека големиот прилив на луѓе политички ги подели западните европски општества, истиот тој прилив обедини голем дел од општествата во централна и источна Европа против можноста да влезат во нивните земји.
Дополнително, тука е и “демографската паника“ како еден од најмалку дискутираните фактори кои влијаат на односот на источните европејци затоа што алармот од “етничко исчезнување“ може да се почувствува во голем број од малите нации во Источна Европа.
Дел од земјите-членки се спротивставија на иницијалната политика за отворени врати на Германија, која пак, дополнително стана критична поради недостатокот на стриктни гранични контроли кај транзит земјите на Балканската рута.
Како последица на притисокот, истата политика изгуби поддршка и следеше повторно воспоставување на привремени гранични контроли, што пак значеше ефективно привремено суспендирање на шенгенскиот систем.
Со договорот помеѓу ЕУ и Турција од март 2018 година, номинално се затвори и “Балканската рута“. Ефектите беа видливи веднаш, но природните текови на поволната географија придонесуваат за драстично намален, но постојан тек на нерегистрирани миграциски текови кон државите од јадрото на ЕУ.
Во Грција најмногу се почувствува ефектот од разидувањето на креаторите на политики во ЕУ кога се најде отсечена од остатокот од ЕУ и беше суспендирана од Шенген зоната, но и подоцна кога се соочи со затворањето на границата од страна на Република Македонија.
Настанот е од посебна важност и би рекол со спектакуларна ироничност кога нашата земја ја затвори својата граница спрема земја членка на ЕУ со асистенција на полициски сили од други земји членки на ЕУ.
Подоцна, дојде и до невообичаено влијание на мигрантската криза врз земјите кандидати за членство во ЕУ, што причини дополнително влијание врз корпусот на права, солидарноста и споделувањето на одговорност, и тоа по насоки на Советот на Европската Унија.
Земјите од Балканската рута ги формулираа своите политики врз основа на нивните домашни политики состојби, условувањето од ЕУ, како и специфичната политичка размена која ја имаат со различни групации на национални држави во унијата.
“Мигрантската криза“ од 2014 година во чиј фокус беше Балканската рута беше огромен тест за Европските политики за интеграција и проширување. Централните вредности поврзани со заштита на човекови права, солидарност и споделување на товарот, беа тргнати на страна во корист на политиките за ре-национализација, гранична безбедност и префрлување на кризниот менаџмент во периферијата, предизвикувајќи “краток спој“ во централните принципи на проширувањето на ЕУ, како што е демократското зајакнување во регионот. Со оглед дека се очекува мигрантските бранови кон ЕУ да продолжат во иднина, миграциска политика заснована врз de-securised политички дискурс за азил на Европско ниво ќе биде од голема полза за иднината на европската интеграција и проширување.
Новиот дискурс ќе создаде потреба и за нова политика која овој пат треба да е долгорочен и европски пристап кој ќе ги надмине недостатоците на неговите претходници, како Конвенцијата од Даблин и Заедничкиот систем за азил.
Праксата укажа на недостатоците кои се движат од диференцирани национални процедури за побарувања за азил до време на чекање и недостаток на координација со клучните засегнати страни.
Со оглед на обемот на идните миграции, неопходно е да се изврши надградба на системот и да се постигне компатибилност во ЕУ, особено во Шенгенскиот систем.
Таквата реформа ќе отвори простор за следни договори и политики кон трети држави за регулирање на протокот на мигранти, за кои се покажа дека може да имаат позитивен ефект и за пристапот кон ова прашање и за кревање на свесноста за потребата од заеднички пристап при креирање на политики за прашања од овој карактер.
Финално, геополитички императив за ЕУ е интеграциската агенда кон западниот Балкан. Тој геополитички императив е независен од моменталните домашни политички коњјуктури, дури и во најмоќните земји членки на Унијата.
Проф.д-р Зоран Илиевски е професор на катедрата за Политички науки на Правен факултeт “Јустинијан Први” во Скопје.