„Политика“: ЕУ ги условува, а Бугарија ги понижува Македонците

Осврнувајќи се на неодамнешните посети на Македонија од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и од француската државна секретарка за европски прашања Лоранс Бун, српскиот весник „Политика“ констатира дека „се чини оти нема крај на поставувањето пречки на патот на Скопје кон Европската унија“.

„И додека се зборува за промените и за реформите неопходни за напредок во современото општество, Бугарија ора по наследството од Втората светска војна, со барање Македонците да се откажат од сопствениот идентитет и јазик, како и од придобивките од НОБ. Сето тоа со чепкање по раните од Втората светска војна, кога Македонија беше под бугарска окупација, а Софија тогаш беше во сојуз со нацистичка Германија.

Реинкарнацијата на фашизмот почна со отворањето на бугарскиот клуб во РСМ ‘Ванчо Михаилов’, потоа клубот ‘Цар Борис Трети’, промотор на хитлеровиот нацизам и на фашизмот на Мусолини, со сесрдна поддршка од бугарскиот државен врв. И не само тоа, министерот за надворешни работи на Бугарија истакна дека не му пречи што во Охрид се отвора клуб кој го велича ликот и делото на цар Борис Трети, иако во негово време во бугарското собрание беше донесен законот за ‘чиста раса’. Но, му пречи што во Северна Македонија има училиште со името на Јосип Броз Тито. Да, им пречи името на личноста што го протера фашизмот од Северна Македонија.

Бидејќи ЕУ молчеше за потезите на својата членка, ја прашавме француската државна секретарка Лоранс Бун дали ЕУ ќе застане на патот на Бугарија и на нејзините барања за уништување на придобивките од Втората светска војна, на што таа лаконски одговори: ‘Ќе ја поддржиме Северна Македонија на патот кон ЕУ’“, пишува во написот на „Политика“.