За да бидат одржливи и трајни, политичките одлуки за најважните и за најчувствителните прашања за една државна заедница се усвојуваат со висок степен на согласност на политичките актери. Тоа е смислата на двотретинското мнозинство со кое се носат најважните одлуки во парламентот. Дополнително, во македонскиот законодавен дом, кој истовремено е и претставничко тело, од истите причини, дел од одлуките се усвојуваат и со т.н. Бадентерово мнозинство, за да се обезбеди и мнозинска поддршка од политичките претставници на малцинските етнички заедници.

Од првиот момент на задоцнетата промоција на т.н. Франуцски предлог, кој подоцна ќе стане и Преговарачка рамка, јасно е дека за голем дел од одлуките што ќе ги усвојува парламентот ќе биде потребно двотретинско мнозинство. За првата таква одлука, без која преговорите со ЕУ нема ни да почнат – за уставните измени за „внесување“ на Бугарите во Уставот – и формално е пропишана таква обврска. Но, дури и за прашања за кои не се неопходни квалификувани мнозинства во парламентот, а имаат пошироко општествено значење, одговорните политичари на власт би требало да се потрудат да обезбедат широка поддршка од што поголем број актери на политичката сцена.

Сите прашања кои се отвораат во Преговарачката рамка од аспект на нашите односи со Бугарија, која отворено ја негира самобитноста на македонската нација, несомнено се прашања за кои политичките актери во Скопје требаше да изградат политички консензус. Како што тоа го сторија политичките актери во Софија, на пример. Затоа позицијата на Софија е силна.

До широка политичка поддршка и консензус се стасува со добра волја, со спремност за компромиси и со плоден политички дијалог, во кој силата на аргументите мора да надвладее над аргументот на силата. Дури и неуспешните обиди да се постапи на таков начин се пополезни за легитимирање на процесот одошто продлабочувањето на конфликтноста и драматизирањето на поделбите во општеството.

За жал, владата на СДСМ и на ДУИ се определи за спротивна тактика. Прифаќајќи ги бугарските уцени преточени во Францускиот предлог, владејачката коалиција ја верификуваше Преговарачката рамка со неубедливо мнозинство во парламентот, надевајќи се дека со силна поддршка од меѓународниот фактор, со притисоци и со масивна пропаганда, ќе успее барем дел од опозициските патеници да ги „приведе“ на гласање за уставните промени.

За среќа, таа блиц-криг операција не успеа. Остана само горчливиот впечаток дека владејачката коалиција е спремна огромно мнозинство од својот народ и од интелектуалната елита да накодоши за божемно противење на европскиот пат и за некакво проруско влијание, само за да се прикријат непостоењето волја и неспособноста да се покрене политички дијалог и да се бара консензус за подобри и одржливи решенија од овие што сега се на маса, а за кои Ковачевски и Ахмети наводно се убедиле дека „подобри нема“.

Да се разбереме, тоа е лага!

Преговарачката рамка може да биде подобра. И може да се подобри.

И уставните измени се можни, но само придружени со цврсти гаранции за македонскиот идентитет во историски контекст, на кои Софија нема да се противи. Тие гаранции мора да бидат и дел од македонскиот Устав.

Можно е да се подобрат и односите со Бугарија, но само ако со Софија се разговара и се преговара достоинствено и отворено, со доследно почитување на македонските национални интереси.

СДСМ и ДУИ не се спремни за политички дијалог со опозицијата. Им недостасуваат волја, храброст и знаење.

Ковачевски и дружината продолжуваат како до сега и веројатно ќе ја довршат својата лебедова песна.

Опозицијата одолева на притисоците. А јас, како и многу други, ја повикувам и натаму да одолева и да остане на цврсти и принципиелни позиции.

Последниот чин на оваа драма е предвидлив – претставничкото тело го губи својот политички капацитет да носи одлуки од витално значење за државата и за иднината на земјата. А кога еден парламентарен состав не може да одлучува со полн капацитет, во име на граѓаните кои го избрале, време е претставничката да се замени со директна демократија.

Тоа се прави на два начина.

Првиот е граѓаните со право на глас на референдум да одлучуваат за најважните прашања, меѓу кои прво на дневен ред се уставните измени.

Вториот начин е граѓаните да изберат нов состав на парламентот, на вонредни избори, во надеж дека новиот политички пејзаж ќе биде поживописен, а новите народни избраници помотивирани да водат плоден политички дијалог, преку кој единствено може да се дојде до одржливи решенија за поддршка на евроатлантскиот процес и за иднината на земјата.

Во секој случај, политичарите го кажаа своето, време е да се изјаснат граѓаните.

Директно и непосредно.

Оргиналниот текст на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/politicharite-go-kazhaa-svoeto-vreme-e-da-se-iz-asnat-gra-anite/