Со погубно внесување на „македонските Бугари“ во Уставот, ние ништо не докажуваме ама влегуваме во замката на Софија, којашто скапо ќе ја платиме

Во колумна во неделникот Фокус, Ана Пановска прва дојде до генијално „откритие“. Напиша дека Бугарите треба да се внесат во Уставот бидејќи со тоа се потврдува дека Македонците се посебен народ, различен од бугарскиот! Напиша, и остана жива. На нејзините истомисленици, веројатно по партиска линија, им требаше доста време за да сфатат дека тоа е „совршено“ оправдување за овој срамен и катастрофален потег, којшто ни се наметнува на најсвиреп агресивен начин, и којшто директно води во бришење на македонскиот народ.

Деновиве (почеток на март, 2023), бројни врвни политичари на СДСМ одат со истото објаснување. Без никаков срам, масовно и немилосрдно лажат. Тргнаа во кампања за промена на Уставот и, како што изгледа, еден од главните „аргументи“ ќе биде токму тоа дека, со внесување на Бугарите, се докажувало дека се работи за два посебни народи!? Со други зборови, со тоа паѓа во вода бугарското историско игнорирање на Македонците!? Во Уставот, демек, заедно ќе имало и македонски и бугарски народ. Каква замена на тези! Мудреци, јасно ли ви е дека ние не го негираме бугарскиот народ, туку тие македонскиот?

Да слушаш, и да не веруваш. Поголема будалштина сигурно одамна не сте чуле. Останува само нејасно дали овие политички „умници“ тоа го прават свесно, во име и интерес на партијата, правејќи се себе недоветни и забегани, или сакаат сите да нѐ направат такви?

Замислете, преку нашиот Устав, треба да покажеме или докажеме дека македонскиот и бугарскиот народ се два одвоени народи! Каква бесмислица. Ако ние не ги признававме Бугарите, и сметавме дека се Македонци (што е поблиску до вистината!), нивното внесување во нашиот Устав, навистина ќе имаше  димензија на исправање на таквата бедотија. Проблемот со бугарско игнорирање на Македонците, меѓутоа, би се надминал единствено ако Бугарија ги внесе Македонците од Пирин, во нивниот Устав. А, колку е тоа можно, нека цени секој сам. Особено кога Македонија се срами да го отвори тоа прашање, на база на реципроцитет, којшто е клучен и основа во дипломатијата. А, згора на тоа, го игнорира и спроведувањето на 17 пресуди на Судот за човекови права, коишто се во корист на Македонците во Бугарија. Само така ќе се потврди дека сме два посебни народа или, поточно, дека  постоиме и ние, како вистински Македонци, и посебен народ.

Со нашиот Устав, ние можеме да правиме што сакаме (сега сме присилени и на – што нејќеме). Можеме да ги ставиме Бугарите и во сите наши закони, и ништо нема да промениме. Бугарија и понатаму ќе биде цврсто уверена дека ние сме Бугари. Ние можеме да ги промениме  нивните фантазмагории и историски синдроми дека ние не постоиме како народ, дека немаме свој јазик… само со целосна промена на нашите досегашни капитулантски политики кон Софија. Првиот потез мора да биде откажување на договорот за (не)пријателство и на двата поразителни протоколи.

Со погубно внесување на „македонските Бугари“ во Уставот, пак, ние ништо не докажуваме ама влегуваме во замката на Софија, којашто скапо ќе ја платиме.

Ако сакаат да разберат што се случува, нашиве „политичари“ треба барем да се запрашаат – зошто Софија нѐ блокира, уценува и ни поставува разни ултиматуми? Зошто, ЗАСЕГА, главно барање е да ги ставиме измислените и непостојни „МАКЕДОНСКИ БУГАРИ“, како тие сосема намерно ги нарекуваат, во нашиот Устав? Дали ќе следат нови уцени и какви? Што замислуваат нашиве таленти, дека Бугарија тоа го прави без прецизна стратегија?

Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/pogolema-budalashtina-zdrav-e/