Контролите на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат ќе продолжат до крајот на ноември, а секоја недоследност која граѓаните ќе ја забележат, треба да ја пријават во ДПИ, вели министерот за економија Крешник Бектеши. Министерот, во друштво на менаџментот на еден од најголемите синџири на маректи, се прошетаа низ полиците и направија контрола на работењето, но и од прва рака да се уверат дали на терен се спроведува владината одлука за замрзнување на цените.

Инспекциските контроли, истакна министерот, ќе продолжат до крајот на ноември, а доколку некои производи, свесно, или не ги нема во маркетите, граѓаните веднаш да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат.
Граѓаните кои излегоа да пазарат, велат дека има намалување, ама тоа било недоволно поради големата скапотија. Министерот за економија се пофали дека од идната недела ќе се намалат за минимум десет проценти и цените на пијалаците, а до сега, трговците го почитуваат договорот.

„Од влегувањето во сила до овој момент, задоволни сме како се почитува владината Одлука од страна на трговците“, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши во врска со поевтинувањето на основните прехранбени производи за најмалку 10 отсто.
Според менаџментот на „КАМ“, пресметките се уште не биле направени, но добивката, по поевтинувањето на дел од производите, велат, секако ќе се намали.

Дека се потребни подолгорочни мерки во стопанството за да бидеме сите поефикасни, велат од менаџментот на маркетите. И додека надлежните се фалат дека работат на намлување на цените, граѓаните реагираат дека намалувањето било мало, зашто, претходно се дозволило енормен пораст, па сегашните 10% речиси и да не се чувствуваат во семејниот буџет.
Од вчера над 50 категории производи се под мраз, а за да им биде појасно на граѓаните кои артикли се опфатени со поевтинувањето тие треба да бидат означени со посебна ознака на која пишува „Гарантирана цена“.