Поделба во владеачката ДОМ, еден пратеник исклучен од раководството (ВИДЕО)

Тензии и поделби во партијата ДОМ која е членка на владеачката коалиција.

Членот на ЦО на ДОМ во моментов директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, и пратеникот Мирослав Богдановски, двајцата членови на партијата ДОМ, од денеска се сменети од партиските функции.

Петровска, за „360 степени“, потврдува дека биле дел од иницијативата за одржување вонреден конгрес поради различни внатрепартиски ставови, но вели дека на денешната седница наишле на непријателска атмосфера.

„Ова ситуација не е нова. Имавме различни ставови во однос на тоа како да се бориме за нашата зелена агенда и сакавме да ги отвориме различните ставови и да воведеме копретседателство. Преку седница на Централниот одбор имаме статутарна можност да закажеме и вонреден конгрес. Таа иницијатива е за да зајакнеме како партија. Но, денеска наидовме на една многу чудна, непријателска атмосфера. Се стави на гласање прво довербата, наместо да се дискутира за самата иницијатива. Одеднаш се доби сосема поинаква слика, како да било подготвено да се неутрализира тоа, да не исклучат од нашите партиски позиции. Ја напуштивме седницата, изразивме несогласување со начинот на кој се водеше“, вели Петровска и укажува дека зад иницијативатa за вонреден конгрес стоеле повеќе членови на Централниот одбор и две третини од општинските организации, како и дека денеска се оневозможило онлајн гласање.

Партијата која е под контрола на претседателката Маја Морачанин има свое толкување на работите.

На седница на Централниот одбор на партијата, со мнозинство гласови, им е изгласана недоверба, со што Петровска и Богдановски ги изгубија позициите потпретседатели и членови на Извршниот одбор. Недоверба е изгласана и за Јасмина Пакашки како член на Извршниот одбор. Причината, како што наведуваат од ДОМ, е нелегитимна иницијатиза за одржување вонреден партиски конгрес.

„Во духот на демократијата и транспарентноста, Централниот одбор ја разгледа нелигитимната иницијатива за одржување вонреден конгрес на ДОМ. Мнозинството членови на Централниот одбор едногласно ја отфрли иницијативата, со образложение дека нема потреба од одржување на вонреден конгрес. Членовите истакнаа дека сега фокусот на ДОМ треба да биде подготовка за претстојните локални избори, а не задоволување на лични интереси на поединци. Со мнозинство гласови, членовите на ЦО изгласаа недоверба кон: Ана Петровска и Мирослав Богдановски на функциите потпретседатели и членови на Извршен одбор на ДОМ, и Јасмина Пакашки на функцијата член на ИО на ДОМ“, стои во соопштението испратено од партијата доцна вечерва.

Исклучените функционери на ДОМ во видеото објаснуваат што се случува во партијата.

https://www.facebook.com/domveles/videos/1382228512144196/