По речиси една година во Основниот суд во Тетово денеска треба да почне судењето за пожарот во модуларната болница што се случи лани на 8 септември кога 14 лица го загубија животот.

По повеќемесечна истрага Основното јавно обвинителство Тетово на 27 јули 2022 до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице. Двајца се теретат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност”, еден за „непостапување според здравствени прописи”, а правното лице за „предизвикување на општа опасност”.

Во пожарот во модуларната болница во Тетово загинаа 14 лица кои се лекуваа од Ковид-19.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.