Почна рамазанскиот пост

Верниците од исламска вероисповед рано изутринава го почнаа рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 1 мај. За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење.

Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост, на 2 мај е Рамазан Бајрам, кој се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник.

Во пресрет на Рамазанскиот пост, поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи истакна дека месецот Рамазан е месец на многу благослови, случај на формирање на нашата личност, на нашето духовно и физичко прочистување, на оплеменување на нашата душа, на нашето тело, на нашето размислување, на зајакнување на нашите меѓусебни врски, негување, почит и продлабочување на љубовта еден кон друг.