Денеска официјално започна пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, соопшти дека сите подготовки за пописот навреме беа завршени.
Пописот ќе се спроведува според комбиниран модел, односно освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Во пописната база влегуваат базите на МВР, Централен регистар, на Агенцијата за вработување, МОН, Министерството за труд и социјала, УЈП, Агенција за катастар, матични книги и расположливите податоци од заводот на статистика.
Се очекува пописот да даде одговори на тоа колку луѓе живеат во државата, колку и каде се распоредени тие што се во дијаспора, а треба да се добие и прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.
Пописот ќе се спроведува на седум јазици, а во домот на попишуваните може да влезе еден попишувач, прашалниците треба да бидат потполни за да се признаат. Во прашалниците има шеесетина прашања.
Пописот првично требаше да се одржи во април, но поради пандемијата на ковид се одложи за во септември.
Во услови на се уште присутната пандемија попишувачот треба да носи маска и за него има обезбедено средство за дезинфекција. Секаде каде што е можно попишувањето треба да се прави во отворен простор, пред зграда, во двор, доколку тоа не можно пред влезот во нечиј дом попишувачот треба да ги дезинфицира рацете и лаптопот и да побара домаќинот доколку не носи маска да си стави. Да се отворат прозорците во просторијата и распоредот на седење да биде на дистанца од најмалку два метри.
Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности. Директорт на Заводот за статистика Апостол Симовски очекува обработката да се изврши и порано и податоците за бидат објавени во јануари следната година.
Во земјава последен пат попис се одржа во 2002 година. Пописот во 2011 година беше прекинат, откако членовите на Пописната комисија си поднесоа оставки.
Според Законот за Попис, оваа статистичка операција ќе чини 8,5 милиони евра.
