Започна изградбата на првата од трите 20-катници на паркингот спроти „Холидеј ин“, информираа од „МГ фешн“ ДОО Скопје.

Во првата фаза ќе се гради станбено-деловниот објект кој содржи: три нивоа под земја, приземје плус дваесет ката и поткровје.

„Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека преостанатите катови се станбени единици со различна големина. Објектот е дизајниран да овозможи максимален комфор на идните корисници на станбените единици како и целосно искористување на природната светлина и визури, како кон реката Вардар, така и кон планината Водно“, се вели во соопштението.

Инвеститорите во соопштението нагласуваат дека во рамките на ДУП Ц08 е предвидена и јавна површина од вкупно 7 500 м2 или приближно површина колку плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје.  

„Нашата визија за овој јавен простор е да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на ‘Porta Nuova’ во Милано, а за кое идејно решение ќе предложиме да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар.

‘МГ фешн’ ДОО Скопје како општествено одговорна компанија, на свој трошок, ќе ги обесштети сите жители на Ново Маало кои имаат имот на овој простор, без разлика што на истиот не е предвидена никаква изградба на градежен објект, и тоа на ист начин и во ист сооднос како и на жителите на Ново Маало на чии имот е предвидена изградба на објекти“, се вели во соопштението.