Почна изградба на камбанарија на манастирот „Света Марена“ во Мала Преспа, донирана од Македонците од Канада

Македонската заедница во Албанија ја почна изградбата на камбанаријата, донирана од Македонците од Канада, до манастирскиот комплекс „Света Марена“ кај селото Туминец во Мала Преспа.

„Со благослов на корчанскиот владика г. Јован, денес во манастирот ‘Света Марена’ (Марија) до селото Туминец, во областа Мала Преспа во Албанија, започна со изградба манастирската камбанарија.

Камен темелникот на камбанаријата, во присуство на Македонци од Мала Преспа, го освети отец Топи Аргири од Корчанската митрополија.

Донатори на камбанаријата се Македонците од Канада, кои организираа „Македонска донаторска вечера“ во Торонто токму за собирање средства за изградба на камбанаријата во македонскиот манастир ‘Света Марена’ до село Туминец.

Македонската православна црковна општина ‘Света Недела’ од Канада на 28 јануари годинава организираше донаторска вечер со цел собирање средства за македонскиот манастир ‘Света Марена’ до село Туминец, Мала Преспа.

На донаторската вечер учествуваа Македонци со потекло од Албанија и од цела Македонија и беа собрани 20.000 канадски долари за помош на македонскиот манастир ‘Света Марена’ до село Туминец“, објави Матица на иселениците од Македонија.