Почина легендарниот Енио Мориконе

Енио Мориконе, познатиот италијански композитор кој има напишано музика за повеќе од 570 филмови и добитник на два Оскари, почина синоќа во болница во Рим.



Причина за смртта се последици од скршеница на бутна коска која му се случи пред неколку години, пренесе АНСА.

Едно од неговите најпознати дела е музиката за антологискиот „шпагети вестерн“ на Серџо Леоне, „Добар, грд, лош“.

Мориконе е роден во Рим на 10 ноември 1928 година. Студирал композиција и хорска музика и хорско диригирање на Конзерваториумот на Националната академија на Санта Сесилија. Започнал да пишува музика за филмови во 1955 година, но продолжил да компонира класична музика. Во 1964 година ја започна својата позната соработка со режисерот Серџо Леоне, како и со Бернардо Бертолучи.

Стана познат по неговата музика за филмовите „За грст долари“, „Беше еднаш во Америка“, „Малена“, „Недопирливите“ беше и шест пати номиниран за престижниот Оскар во областа на филмската музика.

Последниот Оскар го доби 2016 година за музиката за филмот „Омразените осуммина“ од Квентин Тарантино, и тоа како најстар добитник во оваа категорија.

Првиот почесен Оскар го доби во 2007 година за неговиот придонес во кинематографијата.