Почина композиторот Кире Костов

По подолго боледување, вчера на 73-годишна возраст почина композиторот и диригент Кире Костов. Веста за неговата смрт ја објави Сојузот на композитори на Македонија, каде што тој беше долгогодишен член.

Костов е роден 1949 година во Битола, каде што го завршил средното музичко училиште. Натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Во периодот од 1970 до 1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радиотелевизија Скопје. Како единствен претставник на тогашна Југославија, учествувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа.

Автор е на педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот. Од областа на популарната музика е автор на околу 300 наслови меѓу кои „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Само сеќавање“, „Не биди слеп“ и многу други.

Бил еден од основачите на фестивалот за деца и млади „Си-До“, кој се одржуваше во Битола од 1991-2000 година. Од овај фестивал произлегоа преку двестотини песни за деца и млади од кои половината од нив беа прогласени за хитови. Бил уметнички директор на „Интерфест“ – Битола за популарна музика (1994-1996).