Станислав Длака, гитарист и вокал на легендарната рок група „Бис Без“ почина ненадеjно синоќа во Скопје, објави семејството. Имаше 81 година. Ќе биде погребан утре на гробиштата Бутел.

Длака, по професија директор на фотографија кој целиот работен век го мина во МРТВ, е еден основоположниците на македонската рокенрол музика. Почнал во „АБЦД“, а на почетокот на 1964 стана член на бит пионерите „Безимени“. Во бендот ќе биде до првите денови од 1966, кога ја оформуваат првата македонска супергрупа „Бис-Без“. Oд „Бисери“ покрај Длака (гитара и вокал) е и Ламбе Смилевски (бас гитара), а од „Безимени“ Константин Икономов-Коце (гитара и клавијатури), Димитар Чемков-Циме (гитара), Димитар Попанков (тапани) и вокал Стевче Јаневски-Чивчи. Ова е првата постава на групата, но подоцна во бендот членуваа и други музичари. Длака ги правел и македонските препеви на познатите странски хитови во репертоарот на бендот, пишува СДК.МК.

Групата своевремено ја нарекуваа македонски „Битлси“. Антологиски се нивните хитови „Дал да плачам ил да пејам“, „Добро утро, ученичке“, „Било и поминало“. Прекинаа да свират во 1973. Повторно се обединија во 1990-те, па во 2002-те активно свиреа до 2008, кога на 62-години почина басистот Ламбе Смилевски.

Во скопската населба Пролет на една зграда сè уште стои графитот „Секоја недела Бис Без“, пренесе порталот.