Македонскиот ракомет загуби уште едно големо име – Андон Бошковски, кој почина утрово во својот дом на 47 години.
Му беше асистент на селекторот Звонко Шундовски на Европското првенство 2012 во Србија, кога машката репрезентација на Македонија го оствари својот најголем успех – петто место и изборени квалификации за Олимписките игри. Беше дел од Стручниот штаб на националниот тим од 2008 до 2013 година.
Работеше како тренер во Вардар, Металург, Младост Богданци, Струга, Пролет, Голден Арт, Работнички, Радовиш, Еурофарм Работник. Ја водеше и женската екипа на романски ЧСМ Роман, беше селектор на ракометарите на Грузија, а последниот ангажман му беше во косовски Вучитрн.
Бошковски беше и тренер на ракометарите во Спортската академија, како и најзаслужен за организирањето на првиот кадетски меморијален турнир „Марко Божиновски“ во јуни во чест на прерано згаснатиот живот на ракометарот на Бутел и на македонската репрезентација.
Како играч настапуваше за Работнички и за кадетската репрезентација на Македонија, но млад ја заврши кариерата поради повреда на раката.
Популарниот Доне е син на еден од основоположниците на македонскиот ракомет и некогашен селектор на женската репрезентација, Лефтер Бошковски, кој почина во мај годинава.
Ракометниот спорт во Македонија со заминувањето на Бошковски остана не само без голем тренер, туку и без омилен лик, чиј личен печат го носат многу поранешни, сегашни и идни македонски репрезентативци, на кои им даде несебична поддршка во развојот и како играчи, и како личности.