Ги читам „шокираните“ и „разочарани“ Зоран Заев, Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски и министрите, ги читам тирадите и жалопојките во некои медиуми после одлуката со која Апелацискиот суд во Скопје со право ја укина првостепената пресуда за предметот „Таргет – Тврдина“ поради суштествени повреди на постапката и не знам дали да плачам или да се смеам.
А не е ни за плачење ни за смеење. Всушност, време е добро да се објаснат некои работи. Да се допре до корените на злото. И така, се роди овој напис, наменет само за тие што не се премногу шокирани, разочарани, изненаѓени и увреѓени.
Што беше намерата на Шарената револуција?
Ќе почнам од прашање што вчера јавно го постави муртинскиот мудрец – за ова ли се боревме во Шарената револуција?
Нема да водам со Заев полемика за моралот. Нема да го потсетувам на неговите изјави за Сашо Мијалков во врска со прислушувањето. Нема да зборувам ни за гласањето за Преспанскиот договор. Ќе одмолчам (засега) и многу други, за Заев непријатни нешта. За нив евентуално би можел да разговарам на кафе со американската амбасадорка Анџела Агелер. Во оваа анализа ќе го „распупиме“ она „суство“ што го замисли Заев, оној негов чуден и валкан план за истерување на некоја негова „правда“, план којшто донекаде беше остварен.
Да си кажеме право, намерата на Шарената револуција и на човекот што ја присовои и што ја злоупотреби (спомнатиот Заев), никогаш не беше да се обезбеди правда (без која нема мир, нели) преку владеење на правото и со реформа на правосудството, како што бараа Европскагта комисија и Прибе. Извештајот на Прибе беше злоупотребен, а човекот беше брутално излажан и потоа заборавен. Никој веќе за него не сака ни да слушне.
Не, намерата на „револуционерите“ беше да се обезбеди брза и безмилосна правда, луѓето политички идентификувани како криминалци да висат на бандери или да завршат на долгогодишни робии, а секако и да им се одземат не само украдените, туку и сите пари и имоти.
Се сеќавате на скандирањата „че си лежите“? Јас никогаш не сум изустил такво нешто, но факт е дека марширав заедно со такви што веруваа дека правдата ќе биде задоволена само ако политички идентификуваните криминалци бидат осудат итно и драконски.
Што е тоа прек суд?
Да бидеме објективни, за да се спроведе правда не се секогаш неопходни правен систем, обвинителства, судови, правила на игра, фер постапки. Историјата нѐ учи дека еден чесен и праведен султан или цар понекогаш може да испорача повеќе правда и од правниот систем на било која модерна и цивилизирана европска земја. Таков глас го бие царот Соломон, на пример.
И за Соломон можеме да полемизираме, но за шарените револуционери Заев беше (за некои и остана) егзамплар на чесност и мудрост, праведен султан, цар и говедар. Три во едно. Неговата „праведност“ беше претпоставена. Додека на политички идентификуваните криминалци не им се признаваше правото на презумпција на невиност, на Заев му се призна правото на презумпција на мудрост и на праведност.
За да не си ја распрснуваме илузијата за муртинецот, ги одмолчавме сомневањата за аферата „Глобал“ (поради која Заев беше аболициран од Бранко Црвенковски), ги затнавме ушите за „Евро за Вицето“ и ги покривме очите да не гледаме како Заев го уценува Никола Груевски во премиерскиот кабинет со неговите (Заеви) „бомби“.
На многумина тогаш им беше поважно да ја поддржиме идејата да се формира прек суд, кој ќе ги осуди политички идентификуваните криминалци по кратка постапка. И да си кажеме право, многу вистина жртвувавме на олтарот на политичкиот опортунитет, за да се оствари таа цел. Признавам јавно, јас сум еден од виновниците за тоа и сега се каам.
Го знаете ли значењето на придавката „прек“, на српски „преки“, на хрватски „пријеки“? Има повеќе значења, од кои две се клучни кога таа придавка се поврзува за именката „суд“: зборот „прек“ е изведен од зборот „преку“, а тоа значи да се премости нешто по пократок пат, да се заобиколи, да се најде шорткат; зборовите „преки“ и „пријеки“ на соодветните јазици значат и лут, остар и безмилосен.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк: