По Заев од СДСМ и за Шекеринска нашле место ама во тимот за програма

Во новоформираниот стратешки тим на СДСМ, партискиот лидер Димитар Ковачевски на една маса ги седна Зоран Заев, Миле Зечевиќ и Оливер Спасовски. Како што велат високи партиски извори за Фокус, идејата за формирање на вакво партиско тело била одамна, а синоќешниот состанок минал во опуштена и конструктивна атмосфера, без никаква негативна енергија.

По стратешкиот тим, според информации на „Фокус“, следната недела треба да се формира уште еден партиски тим, кој ќе биде задолжен за подготвување на партиска програма со која социјалдемократите ќе настапат на следните избори.

Во овој тим ќе биде поранешната партиска претседателка Радмила Шекеринска, заедно со неколку функционери од актуелното раководство – Сања Лукаревска, Стефан Богоев, Андреј Петров, Фатмир Битиќи.

Инаку, Шекеринска беше заменик-претседател на СДСМ откако Заев стана партиски лидер во 2013 година, но во 2021 година одлучи да се повлече, изразувајќи несогласувања со начинот на владеење на СДСМ, кој, како што велеше, не учел од некои грешки.

После лидерските промени по локалните избори истата година, кога Ковачевски стана нов партиски лидер и премиер, Шекеринска беше избрана за потпреседателка на Партијата на европските социјалисти на предлог на СДСМ.