Во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните, информираат од Министерството за здравство, според кое прва доза вакцина вчера примиле 13.275 граѓани, а во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 17.623 граѓани.
Со ова, бројот на вакцинирани во државата достигна 638.428 граѓани.
Со последните бројки 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 67% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 63% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 53% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од министерството за здравство.
