По вторпат Европската конференција за млади инженери ќе се одржи во Скопје, регистрацијата е во тек

Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија по вторпат ќе биде домаќин на Европската конференција за млади инженери #EYESKOPJE2023. На 51-виот европски инженерски собир, ќе бидат присутни млади инженери од Македонија и од сите европски земји. Темата на годинешната конференција е дефинирана како „Connecting Engineers’ Pathways“, а ќе се одржи од 5 до 8 октомври на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ).

Европската конференција на EYESKOPJE2023 на младите инженери учесници ќе им понуди три дена исполнети со панел сесии и работилници преку кои ќе се запознаат со успешни лидери, менаџери како и експерти од инженерската индустрија во земјава, кои ќе ги споделат своите согледувања и перспективи за предизвиците, трендовите и можностите со кои се соочуваат индустриите и општество во целост. Исто така, ќе бидат организирани и презентации и посети на компании во Скопје и околината, што ќе помогне во дополнително размена на идеи, градење нови релации и деловни можности.

Преку размена на искуства и идеи, Европската конференција за млади инженери ќе придонесе кон промоција на домашните млади инженери, домашните компании и ќе понуди можности за вмрежување и поттикнување идни соработки на нови иновативни проекти. Во насока на промоција на придобивките од инженерските достигнувања, Клубот на млади инженери ги поканува и домашните компании да учествуваат на конференцијата и да се вклучат со презентирање на сопствените компании и визии за примена на иновативните инженерски решенија и зголемување на придобивките од истото.

Сите заинтересирани млади инженери, може да се регистрираат на следниот ЛИНК, а воедно и да ја искористат можноста за првите најповолни влезници за регистрација до 6 август 2023.