По неколкумесечна дебата меѓу западните сојузници, американските Абрамс и германските леопарди треба да бидат испратени во Украина, но украинските воени претставници сега велат дека за да ја одбијат руската агресија им требаат – модерни борбени авиони, дознава Политико
Разговорите со десетина западни воени претставници и дипломати потврдуваат дека веќе е во тек внатрешна дебата за испорака на борбени авиони за Украина, поттикната од украинските власти со поддршка на јастребите од балтичките земји.
„Следниот природен чекор би биле борбени авиони“, изјави за Политико дипломат од северноевропска земја.
Вашингтон му соопштил на Киев дека испораката на авиони во моментов е невозможна, рече цитираниот дипломат, додавајќи: „Постои црвена линија околу тоа, но минатото лето имавме црвена линија за HIMARS, така што тоа се промени. Тогаш тоа беа тенкови, па и тоа се смени“.
Висок претставник на една европска сила, исто така, ја нагласи брзината со која ескалира испораката на западното оружје: „Авионите денес се сосема незамисливи, но дискусијата за тоа може да биде актуелна за две, три недели“, пишува „Политико“.
Министрите за одбрана на сојузниците на Украина треба да одржат нов самит во февруари во американската воена база Рамштајн во југозападна Германија, каде што се очекува да биде во фокусот на авијацијата и воздушната поддршка.
