Наспроти егзодусот на медицински персонал од Македонија во западноевропските земји, австрискиот портал „5 минути“ пишува за обратен случај, во кој естетски хирург од Грац се преселил и со успех работи во Македонија, откако против него била поведена судска постапка.
Непосредно пред католичкиот Божик, Регионалниот суд во Штаерска го осудил познатиот пластичен хирург од Грац на условна затворска казна поради тоа што извршил естетска операција на млад пациент со ментална болест. Според Судот, лекарот требало да го забележи наводното физичко нарушување на перцепцијата на пациентот. Пресудата сè уште не е донесена писмено, а осудениот најавил жалба.
„Ако оваа пресуда стане правосилна, тоа ќе значи крај за естетската хирургија“, стравува докторот чијшто идентитет порталот не го објавува.
Поради судската постапка, професионалната лиценца на лекарот била повлечена пред околу 1 и пол година. Тој е огорчен од зависта на неговите колеги од големиот број пациенти што ги имал.
„Ако имате голем прилив на пациенти во Австрија, успешни сте и немате заштита, ризикувате да бидете дискредитирани и оцрнети. Доволна е една пријава за да ја изгубите лиценцата за работа како лекар во Австрија. Потоа се проверува само во долг процес“, вели тој.
„Во меѓувреме, егзистенцијата ви е целосно уништена. Колегите и судиите се под притисок на медиумската агитација, затоа што секако постои тенденција да мора да се оправда повлекувањето на професионалната лиценца потоа. Ова е проблем на кој законодавецот треба да му се спротивстави“, се жали докторот, кој не е единствениот лекар на кој во Австрија му е одземена лиценцата поради наводно неточни третмани. Според хирургот, истиот или сличен модел на прогон бил следен и во други случаи.
Многу од неговите поранешни пациенти, сепак, го мотивирале да продолжи со медицинската работа надвор од Австрија.
„Повеќе не сум заинтересиран да работам во Австрија. Во Македонија, каде што бев пречекан со раширени раце, медицината се нуди на највисок стандард и ниво, па решив во иднина таму да ги нудам моите услуги за пластична хирургија. Развив и концепт како моите домашни пациенти да ме најдат таму едноставно и лесно“, додава тој за „5 минути“.