Денешното неофицијално „свечено“ отворање на сезоната на рестрикции во електроснабдувањето на „Нашата Северно – студена земја“ е големо постигање на Владата на вашата држава. Ова го велам сериозно: оваа и ваква држава е само ваша, не и моја, оти мојата држава е, односно, беше „Јужно – топлата“ Македонија, во која немаше рестрикции на струја среде веќе студениот ноември. Во која имало грабежи на пари, некои дури грабале и струја преку нелегални вклучувања во мрежата, арно ама немало и грабања пратеници, за да може Владата да продолжи да чекори на својата „северно-македонска“ „Патека на ѕвездите“, но на која премногу се сомневам дека ќе ги има и ѕвездите од ЕУ – симболот. Сигурни сте дека ЕУ би сакала да прими во своето семејство корумпирана и економско – финансиски банкротирана држава, во која владеат законите на политичката џунгла, наместо да има владеење на правото и на правната држава?

Но, да се вратам на секојдневиево: шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Здружената опозиција не ја доби војната – не ја урна Владата, засега, но ја доби битката, прва: урнат е легитимитетот на оваа Влада. Зоран Заев останува на премиерската позиција сосила, спротивно на политичката волја на големото мнозинство граѓани на Македонија. Неговата Влада може и да „скокне“ во своето „парламентарно мнозинство“ од 59 на 60, 61, па и на 62 пратеници, бидејќи можеби ќе се најдат пари во буџетот од 4,4 милијарди евра за купување уште по некој пратеник. Меѓутоа, нов факт е дека Македонија од завчера има Зомби – Влада и се што ќе прават таа и Заев до нивното конечно детронирање, ќе биде, без сомневање, уште повеќе на штета на Македонците и на сите други граѓани.

Настојувањата да се оформи новото парламентарно мнозинство покажаа еден важен политички чин: во даден момент се најдоа во иста точка интересите на големото мнозинство на граѓаните – Македонци, граѓаните – Албанци и на граѓаните од другите етникуми, кои преку своите опозициски политички репрезенти и порачаа на коалицијата СДСМ – ДУИ дека не сакаат таа повеќе да ја води државата и да ја краде и иднината на нивните деца и внуци. Политичкото дејствување на ВМРО ДПМНЕ, Алијансата за Албанците, Алтернатива, Левица и Беса во еден момент се најдоа во таа една иста, заедничка точка, макар што Алтернатива и Беса лавираа лево – десно.

Албанските опозициски партии мораат во секој момент да го имаат предвид мислењето на обичните Албанци за 20- годишното владеење на ДУИ, на оние чија егзистенција се повеќе тоне во бездна и чии деца деца се принудени да бегаат на Запад, за да си создадат услови за живот, кои ги нема во Македонија. ВМРО ДПМНЕ и другите македонски, но и сите преостанати опозициски партии, исто така, мораат да ги имаат предвид мислењето за СДСМ и гневот на обичните Македонци и Турци, Срби, Роми, чија егзистенција исто тоне и чии деца масовно фаќаат џаде кон Запад. Новото парламентарно мнозинство беше создадено, арно ама него го снема во Парламентот, привремено, поради „иновативните методи“ на Заев како да го одложи своето неизбежно паѓање. Но, формирано е и е непоколебливо стабилно едно друго мнозинство против Владата и против Заев: тоа е широкото и огромно по број народно мнозинство на Македонци, Албанци, Турци и граѓани од сите етникуми. Тоа мнозинство бара промена, темелно и целосно „проветрување“ на канцелариите на Владата на Македонија.

Со други зборови, опозицискиот блок мора да остане здружен и со умножени сили, со многу поголема политичка мудрост и со поразработени сценарија и варијанти да продолжи со активностите за оборање на Владата. Пратениците од владејачката коалиција не дојдоа во Собранието на македонија да им прават мнозинство на опозиционерите на денот кога требаше да се гласа за недоверба на Владата. Треба ли сега за ВМРО ДПМНЕ, Алијанса, Левица, Беса и Алтернатива да доаѓаат на парламентарните седници и да им прават кворум на позицијата, да заборават што им се правело тој критичен ден? Или, да се започне со блокада на Парламентот, со парализа на дејствувањето на владината коалиција на секој можен начин и со сите предвидени средства на политичката борба?

Здружената опозиција мора да се раководи од фактот дека зад себе го има гневот на големото мнозинство на граѓани, кои со своето гласање на локалните избори најдиректно порачаа дека не сакаат да живеат ваков мизерен живот, во квази – држава со приватизирани институции, кои се непријателски поставени кон македонската нација и кон сите граѓани во земјата. Значи, мој личен став е дека треба напоредно со рестрикциите со струја да се започне и со политички рестрикции, со рестрикции во работата на Парламентот, со попречување на дејствувањето на Владата секаде каде што нема да биде спротивно и на штета на интересите на граѓаните.

Да сумирам: започнаа да се „тркалаат“ предупредувања дека Македонија веќе влегла во политичка криза, оти ја чека и дестабилизација. Не, во Македонија нема политичка, туку има владина криза. Не, Македонија нема да влезе во состојба на дестабилизација, туку Владата и нејзината коалиција се во состојба на дестабилизација. Но, факт е дека има јавноздравствена криза и нов ковид – бран, факт е дека има економска криза и клекнување на стопанството на колена, факт е дека има и финансиска криза, оти се е испокрадено. Сите овие кризи, сите овие процеси на натамошно пропаѓање на Македонија ќе се сопрат единствено преку конечното паѓање на Владата. Опозицијата ја има клучната улога и одговорност да го стори тоа, но дејствувајќи многу поефикасно и имајќи го во секој миг најголемото мнозинство зад себе – мнозинството на народот, сфатен во американската смисла на зборот „народ“ – сите гладни, измрзнати, сите онеправдани, сите испокрадени,без оглед кои се и што се по етничка и друга припадност.