Министерот за здравство Фатмир Меџити, денес, по посетата на обновениот дел на Клиниката за ендокринологија, рече дека дополнително ќе провери зошто пациентите од Онкологија повторно се жалат дека немаат терапија.
„Од менаџментот на Клиниката за онкологија јас сум известен дека терапија има. Службите веднаш ќе го проверат овој проблем“, рече министерот Меџити.
На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од директорката на Клиниката за онкологија, Меџити рече дека ќе постапува бескомпромисно.
„За секој што ќе згреши пред здравствените закони, ќе има одговорност, бескомпромисно. Ова здравство не функционира, јас сум автокритичен. Вложивме многу труд и напор, правиме сѐ за да ги подобриме условите“, рече министерот Меџити.
Онколошките пациенти повеќе од два месеца беа оставени без терапија, проблем за кој министерот Меџити минатата недела извести дека е надминат и дека болните од рак веќе не треба да имаат проблем со пристап до терапијата.
