По Салвини, и премиерот Конте се закани со излегување на Италија од ЕУ

Откако лидерот на италијанската опозиција Матео Салвини се заложи за преиспитување на членството на Италија во Европската унија поради несолидарноста, според него, за време на коронакризата, со излегување на земјата од ЕУ се закани и премиерот Џузепе Конте.

Причината е планот на Унијата за спас на туристичката сезона со воведување т.н. зелени коридори меѓу членките со ниска стапка на зараза од коронавирус или во значителен пад, во кои нема да има место за Италија како едно од најголемите жаришта во Европа.

„Не прифаќаме билатерални договори во рамките на Европската унија кои ќе создаваат привилегирани коридори за туристи. Туризмот не може да биде условен со билатерални договори. Тоа нема да го дозволиме. Или ќе излеземе од Европската унија“, порача Конте, додавајќи дека туризмот учествува со 13 проценти во бруто-домашниот производ на Италија.

Претседателот на италијанската Влада нагласи дека на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ѝ објаснил дека тие коридори значат „уништување“ на заедничкиот пазар на ЕУ.

Италијанскиот туристички сектор до крајот на годинава се проценува дека ќе претрпи штета од пандемијата од 120 милијарди евра, а „висат“ 420 илјади работни места и 270 илјади фирми што се занимаваат со туризам и трговија.