Кралот на Саудиска Арабија Салман го прогласи утрешниот 23 ноември за државен празник.

Националниот празник е прогласен граѓаните да ја прослават неверојатната победа на нивната фудбалска репрезентација на Светското првенство во Катар над Аргентина.

Сите вработени во јавниот и приватниот сектор и студенти во Саудиска Арабија ќе имаат слободен ден во среда, откако нивната репрезентација ја победи Аргентина со 2-1 во еден од најголемите шокови во историјата на Светските првенства, објави „Дејли мејл“.

Државата од Персискиот залив моментално е рангирана на ниско 51-то место во светот зад домаќинот Катар и влезе на турнирот со мали очекувања во групата со Аргентина, која се сметаше за фаворит.

Но, во навистина зачудувачки пресврт на настаните, аутсајдерите го испратија тимот на Аргентина, рангиран на третото место во светот, на дното во групата Ц со блескава победа од 2-1.

Со претстојните натпревари против Полска и Мексико, Саудиска Арабија сега има шанса да стигне до нокаут фазата на турнирот само по втор пат во шест обиди, откако стигна до осминафиналето на своето деби во 1994 година.