Михаел Рот, државен министер за Европа во Сојузно министерство за надворешни работи на Германија, со занимлив детаљ на својот профил на „Твитер“ покажува дека шефот на македонската дипломатија, покрај „патлиџан дипломатија“, води и – „чорапа дипломатија“.
На фотографијата што ја твитна Рот се гледаат неговите розеви чорапи покрај светлосините на Димитров, а над неа стојат знамето виножито што го користи ЛГБТ-заедницата, како и тие на Европска унија, на Македонија и на Германија. Делот од патиката што се гледа е на Блажен Малески, претседател на Национален младински совет на Македонија и внук од братучед на првиот министер за надворешни работи на независна Македонија, Денко Малески.
Фотографијата е направена на вчерашната дебата во Скопје на тема „ЕУ-перспективата на македонската младина“.
„Патлиџан дипломатијата“, пак, Димитров ја активира пред неодамнешниот самит на Европски совет, пред кој нудеше пакет македонски домати по пошта во замена за поддршка за Македонија да добие почеток на преговори со ЕУ.