Претседателот на градската организација на СДСМ во Скопје кој е секретар на премиерот Ковачевски за јавни политики бара соработка со ВМРО-ДПМНЕ односно надпартиско обединување по од негова страна предвидената оставка на актуелната градоначалничка на главниот град Данела Арсовска.
,,По низа драми и неизвесност за понатамошното функционирање на градот, многу веројатно ќе следува оставка од градоначалничката која нема да знае како да се справи со ситуацијата. Друг излез ќе нема освен поднесување на неотповиклива оставка, по што ќе влеземе во избори за нов градоначалник на Скопје и тоа градоначалник кој ќе има мандат од само една ипол година во време-невреме. Во оваа ситуација ќе постои само едно решение, а тоа е надпартиско обединување за СПАС НА СКОПЈЕ. Оваа ситуација се надевам ќе ги надмине ситно партиските интереси бидејќи спасот ќе значи носење на низа тешки одлуки”, пишува
Васко Кичевски кој од поранешен директор на Паркинзи на општина Центар Васко Кичевски стана владин Секретар за јавни политики.
Кичевски кој во владата на Ковачевски е одговорен за координација и следење на програмата на Владата и на други стратешки планови, проекти и инвестиции, бара Скопје да го води надпартиско тело кога Данела Арсовска ќе се повлече од функцијата.
Ова е прв пат еден функционер на СДСМ јавно да побара соработка со ВМРО-ДПМНЕ во ситуација кога на следните локални или парламентарни избори според анкетите ВМРО-ДПМНЕ ќе однесе убедлива победа.
Кичевски прави анализа на ситуацијата во Скопје и предвидува крај на градот кој според него по крајот треба да ги води надпартиско тело кое во секое сценарио треба да биде одобрено од ВМРО-ДПМНЕ како најмоќна партија на ниво на совет на град Скопје.
Анализата на Кичевски е објавена на сајтот на СДСМ и претставува официјална позиција на партијата на власт за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и другите помали партии.
Целата анализа на Кичевски во кое е содржано барањето за соработка на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ.
Хаосот во Скопје од ден на ден расте. Градот буквално се распаѓа на сите можни нивоа, не функционира ниту градската управа, ниту јавните претпријатија, но она што е најстрашно е фактот дека градот се наоѓа пред банкрот.
Што тоа ќе значи за Скопје и скопјани?
Најпрвин, во текот на летото, ќе бидеме сведоци на најлошото сценарио кое некогаш му се случило на нашиот град. Ќе видиме како дел од јавните претпријатија доцнат со исплата на платите, а дел од нив воопшто нема да можат да исплатат плати на своите вработени. Градот Скопје и институциите во негова надлежност веќе доцнат со исплати кон добавувачите, но ситуацијата веројатно целосно ќе излезе од контрола и ќе следуваат низа тужби сѐ со цел да си ги наплатат средствата кои јавните претпријатија ги должат. Следствено на тоа, услугите кои ги даваат овие јавни претпријатија ќе се влошуваат, градот ќе станува се позапустен и понечист, за жал глетката на преполни и со денови неисчистени контејнери ќе биде секојдневие, но не затоа што немаат возила или луѓе, туку заради тоа што нема да имаат средства да набават нафта.
Доцнењето на автобусите нема да биде главен проблем, туку вистинското прашање ќе биде дали воопшто ќе дојде автобус. ЈСП веќе е доведено пред колапс, долгот кон дел од добавувачите надминува десетици милиони евра, но кога за краток период нема да може да исплати ниту плати на вработените очекувам да доживееме дежа ви со протести на шоферите и повторна блокада на главниот град.
Скопје ќе стане град без перспектива кој од ден на ден целосно се уништува. Еве ќе ја земам за пример зоoлошката градина, од една преубава приказна која постојано се надградуваше со нови содржини и нови животни, сега има процес на намалување на фондот на животни и уништување на дино паркот.
Веројатно по ваквата ситуација ќе следи барање од страна на градоначалничката за задолжување кое ќе дојде на дневен ред пред советниците, барање кое ќе биде оплеменето со низа обвинувања дека сето ова се случува благодарение на претходните раководства, но вистината секогаш излегува на виделина, односно ќе се види дека состојбата во која се наоѓа градот е исклучиво поради неспособноста на „светската” менаџерка и тимот кој го раководи градот.
СПАСОТ ЗА СКОПЈЕ
По низа драми и неизвесност за понатамошното функционирање на градот, многу веројатно ќе следува оставка од градоначалничката која нема да знае како да се справи со ситуацијата. Друг излез ќе нема освен поднесување на неотповиклива оставка, по што ќе влеземе во избори за нов градоначалник на Скопје и тоа градоначалник кој ќе има мандат од само една ипол година во време-невреме. Во оваа ситуација ќе постои само едно решение, а тоа е надпартиско обединување за СПАС НА СКОПЈЕ. Оваа ситуација се надевам ќе ги надмине ситно партиските интереси бидејќи спасот ќе значи носење на низа тешки одлуки, како намалување на јавна администрација, избор на директори по МЕРИТ систем, а не по партиски или етнички клуч, кратење на буџети, дигитализација на сите можни процеси за да се надополни намалувањето на јавната администрација и најважно од сè е дека една ваква агенда може да биде остварена само со обединување на сите политички субјекти за во таа година ипол односно до крајот на мандатот да се стави во колосек сѐ она што се уништи за правата половина од владеењето на Данела Арсовска. Скопје го заслужува ова затоа што ние кои живееме тука и планираме да останеме во Скопје заслужуваме да имаме функционален град, главен град на Европска Македонија.
Линк до колумната на функционерот на СДСМ
https://sdsm.org.mk/soopstenija/65063